Пописот 2021 ќе се спроведе, гаранција се строгите протоколи, порача портпаролот на Владата
- Сите активности се одвиваат во насока на тоа дека Пописот 2021 ќе се спроведе. Гаранција дека нема да има потреба од одлагање е строгиот протокол, кој што се запазува, како и соодветната обук
Скопје, 19 март 2021 (МИА) – Сите активности се одвиваат во насока на тоа дека Пописот 2021 ќе се спроведе. Гаранција дека нема да има потреба од одлагање е строгиот протокол, кој што се запазува, како и соодветната обука на попишувачите и пописните тимови. Граѓаните и попишувачите ќе бидат заштитени. Целот фокус на Владата е во таа насока, изјави портпарот на Владата Душко Арсовски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција за претстојниот Попис на население, домаќинства и станови.
Сите одлуки, посочи Арсовски, Владата ги донесеува врз основа на став на Комисијата за заразни болести, кој се разгледува на главниот Координативен кризен штаб, од каде заклучоците одат на седница на Влада.
- Апсолитно ќе се следат препораките на Комисијата за заразни болести, како и за многу други случаи во однос на безбедносни ризици. Во овој момент сите сили се насочени кон тоа да се почитуваат протоколите и да се реализира пописот, изјави Арсовски.
Прашан дали Владата размислува за нов Закон со кој би се одложил Пописот, доколку од која било причина дојде до таква потреба, Арсовски, повторно нагласи дека сите капацитети се насочени кон спроведување на пописот и дека неговиот успех го гарантира методологијата и здравствените протоколи.
- Граѓаните и попишувачите ќе бидат заштитени. Целиот фокус на Владата е во таа насока, изјави Арсовски.
За можноста за одложување на пописот поради растот на бројот на новозаразени, Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика, укажа дека ДЗС не е тој што може да побара или да даде препорака за тоа и дека работи по утврден план и протоколи донесени од Владата.
- Се додека не се донесе некоја поинаква одлука ние ќе ги почитуваме постоечките рокови, кои ни се зададени. ДЗС не е тој кој треба да побара одложување, сепак има надлежни инстанци кои ја оценуваат генерално состојбата во државата, изјави Ѓоргиева. аа/скс/
https://youtu.be/nJdOYCjKH5w