• сабота, 21 декември 2024

Помошта за Украина, Либан и миграцијата главни теми на овонеделното заседание на ЕП 

Помошта за Украина, Либан и миграцијата главни теми на овонеделното заседание на ЕП 

Брисел, 21 октомври 2024 (МИА) – Обезбедувањето финансиска помош за Украина, состојбата во Либан и евентуалните промени на законодавството на ЕУ за миграција ќе бидат главни теми на заседанието на Европскиот парламент, што од денеска до четврток ќе се одржи во Стразбур. 

Сесијата почнува доцна попладнево со обраќање на поранешниот италијански премиер Енрико Лета, кој пред европратениците ќе го презентира својот извештај „Многу повеќе од пазар“ посветен на потребата за зајакнување на единствениот европски пазар со цел да обезбеди одржлива иднина и просперитет за сите граѓани на ЕУ. по што ќе следи расправа во ЕП.  

Во продолжение пратениците ќе дебатираат за легислативата за воспоставување „единствено европско небо“, по која ќе гласаат утре, како и за зајакнување на надзорот на е-трговијата и увозот во ЕУ со цел овозможување побезбедни производи, подобра заштита на потрошувачите и справување со нелојалната конкуренција.  

Утре заседанието продолжува со дебата за воспоставување на механизам за заемна соработка на ЕУ со Украина и за обезбедување вонредна макрофинансиска помош за земјата, за што пратениците ќе треба и да се изјаснат во текот на денешниот ден. Станува збор за усвојување на Предлог-пакетот за финансиска помош за Украина во вредност од 35 милијарди евра, како и на иницијативата за користење на вонредните профити од замрзнатите руски средства за задоволување на итните финансиски потреби на Киев.  

По дебатата за Украина ќе следи расправа и за ситуацијата во Либан на која се очекува европратениците да повикаат на итен прекин на огнот и на заштита на припадниците на мисијата на ОН во земјата (УНИФИЛ), по неколкуте неодамнешни напади врз нив. 

Пратениците утре треба да гласаат и за изменување и дополнување на Буџетот на ЕУ за 2024, како и да дебатираат за буџетската рамка на Унијата за 2025 година. Гласањето по Предлог-буџетот за следната година, во кој фокусот е ставен на подобрување на животот на луѓето, зајакнување на конкурентноста и справување со тековните предизвици, е планирано за в среда. По усвојувањето на Предлогот ќе започнат тринеделни разговори меѓу ЕП и Советот на ЕУ за усогласување на распределбата на средствата во буџетот за 2025-та, со цел Парламентот да може да го усвои пред крајот на оваа година. 

На дневен ред на утрешното попладневно заседание предвидени се и дебати за заштита на европските новинари кои известуваат од Украина, за состојба со здравјето на животните во Европа, за случаите на кршење на човековите права и меѓународното право во Азербејџан и за односите на земјата со Ерменија, за „континуирани воени провокации“ на Кина околу Тајван, за „државно спонзорираниот тероризам“ од страна на Иран и за ситуацијата во Тунис. 

Од дебатата за „воените провокации“ на Кина треба да произлезе резолуција, за која европратениците ќе гласаат во четврток и со која се очекуваат критики за агресивниот став на Пекинг кон Тајпеј, како и изразување солидарност со Тајван, кој „редовно е подложен на странски манипулации со информации и мешање од страна на Кина“. 

За среда претпладне е предвидена расправа на европратениците со претставници на Европската комисија за „справување со миграцијата на ефикасен и сеопфатен начин преку поттикнување репатријацијата“. Во рамки на дебатата ќе се дискутира за евентуалните промени во законодавството на ЕУ за олеснување на репатријацијата на државјаните на трети земји кои немаат законско право да останат во Европа, како и за обезбедување „посредно менаџирање со миграцијата“. 

Во терминот за гласање в среда, покрај за Буџетот за 2025 година, предвидено е пратениците да се изјаснат и за новите насоки на политиките за вработување на земјите членки, како и за потребата за итно ревидирање на Регулативата за медицински помагала. 

Во попладневното заседание истиот ден европратениците ќе одржат тематска дебата по годишниот извештај на Судот на ревизори за 2023 година, со кој се препорачува намалување на непотребниот административен товар со цел поттикнување на конкурентноста и иновациите, а ќе расправаат и за информациите за воени злосторства извршени од страна на руските сили, пред се за „убивањето на украински воени заробеници“,  

Во продолжение, меѓу другото, ќе се дебатира и за извештајот на Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените во врска со Законот за абортус во Полска, за состојбата со обновата на владеењето на правото во Малта седум години по убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција, како и за потребата од зајакнување на отпорноста и внатрешната безбедност на ЕУ од странско мешање и хибридни напади.  

Во среда во 18.00 часот ќе се одржи и церемонијата за доделување на Наградата за новинарство „Дафне Каруана Галиција“ за 2024 година, а пред неа, Прес-службата на ЕП ќе организира семинар за новинарите на тема „Заштита на слободата на медиумите“. 

За четврток е предвидена дебата на европратениците со Еврокомисијата за намалување на недостигот на стручно оспособено кадри и за усогласување на оспособувањето на работниците со потребите на работодавците. 

Во четврток Конференцијата на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и лидерите на политичките групи, ќе одлучува за добитникот на наградата „Сахаров“ за слобода на мислата за 2024 година. Во потесниот избор за лауреати се наоѓаат активистот за борба против корупцијата во Азербејџан, д-р Губад Ибадоглу, лидерката на демократските сили во Венецуела, Марија Корина Мачадо и новоизбраниот венецуелски претседател Едмундо Гонзалес Урутија, како и организациите „Жените остваруваат мир“ и „Жени на Сонцето“. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан