• понеделник, 23 декември 2024

Помен и спомен за Назиф Докле, борец за правата на Македонците во Албанија

Помен и спомен за Назиф Докле, борец за правата на Македонците во Албанија
Тирана, 4 јануари 2021 (МИА) - Македонците во Албанија ја одбележаа годишнина од смртта на Назиф Докле, борец за правата на Македонците во оваа земја.
-Почина во 2014 година во Кукс, Албанија, беше сновач и прв претседател на етно-културното друштво на Македонците „Гора“ формирано во 1991 година, собирач на македонскиот  фолклор и обичаи од областа Гора. Вечен ќе биде споменот за него  и неговото  дело, пренесува електронското издание на весникот „Илинден“. Назиф Докле е роден на 15 јануари 1945 година во село Борје, областа Гора, Албанија,  Македонец, интелектуалец,  борец за правата на Македонците во Албанија. Завршил ликовна уметност во Тирана, отсек склуптура, потоа завршува Висока педагошка школа во Скадар, насока албански јазик и литература.
Долги години работел како учител, главен инспектор за образование во округот на Кукс и директор на музејот во Кукс, а се занимавал и со сценографија и бил режисер на повеќе документарни филмови. Бил член на Друштвото на писателите и уметниците на Албанија од 1975 година. Истражувачката активност на Назиф Докле вклучува повеќе материјали од областа на историјата, лингвистиката и етнографијата. Објавил над 35 книги, 130 текстови во весници, како и научни и културни списанија во Албанија и други држави. Најпознати негови трудови се речникот “горански-албански” со над 43.000 зборови, “За Гора и Гораните”, “Муке Миле”, “Севни бре ашик, севни бре душо”, “Горански народни песни”, “Богомилизмот и етногенезата на торбешите од Гора во Кукс” и други. Назиф Докле е автор на повеќе уметнички изложби. Бил организатор на повеќе фестивали во Кукс каде е претставен богатиот фолклор на областа Гора. вт/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан