• четврток, 07 ноември 2024

Политико: Гужва во Брисел за местото на Борел

Политико: Гужва во Брисел за местото на Борел

Брисел, 7 јуни 2024 (МИА) - Неколку високи функционери на европските земји,  сакаaт да го заменат Жозеп Борел како шеф на дипломатијата на ЕУ и ја гледаат неговата функција како стратешка можност додека руската инвазија на Украина продолжува во третата година.

Меѓу оние кои наесен би можеле да го заменат Борел во новата ЕК се - Естонката Каја Калас, Белгијците Александар де Кро и Софи Вилмес, Гзавие Бетел (Луксембург), Полјакот Радек Сикорски и Ирецот Мајкл Мартин, пишува бриселски Политико.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и заменик-претседателот на ЕК претседава со состаноците на министрите на 27-те земји-членки за надворешна политика, безбедност и развој и ја претставува Унијата на министерските состаноци на Групата 7 и Група 20.
 
И покрај ова, критичарите велат дека функцијата не носи голема моќ во пракса. Имено, додека националните министри за надворешни работи често играат клучна улога, ЕУ помалку се потпира на високиот претставник за да ја заврши работата, а повеќе се потпира на шефицата на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
 
-Она што и треба на Европската служба за надворешни работи се повеќе пари, подобри луѓе и подобар висок претставник, изјави за Политико едно лице запознаено со ова прашање под услов да остане анонимно.
 
Сепак, повеќе политичари од помалите земји-членки на ЕУ сметаат дека е вредно да се добие таа работа. Така, балтичките земји, почнувајќи од Естонија, сакаат нивниот став за надворешната политика на ЕУ подобро да се слуша во блокот, особено кога станува збор за идните односи со Русија.
 
Трети, пак, кои се пред крајот на својата кариера во домашната политика, сакаат да ја продолжат со преселба во бриселската машинерија.
 
На конференцијата во Фиренца претходно овој месец, Борел дипломатски избегна какво било прашање за тоа кој смета дека е способен да ја пополни неговата позиција, велејќи дека не е негова работа „да го избере својот наследник“.
 
Со оглед на тоа што Борел е подготвен да се пензионира на крајот на мандатот на оваа Комисија, неколку поранешни шефови на влади пројавија интерес за неговата функција.
 
Ако некој од нив ја добие функцијата, тоа ќе биде првпат по воведувањето на функцијата во 2009 година да му припадне на поранешен премиер.
 
Друга разлика во споредба со претходните Комисии е тоа што местото секогаш им припаѓало на големите земји (Британија, Италија и Шпанија).
 
Политико пишува дека фактот што овојпат шефот на европската дипломатија би можел да дојде од помала земја, многу дипломати го сметаат за позитивен бидејќи поголемите земји обично имаат поголеми агенди.
 
Во системот на ЕУ највисока меѓу највисоките функции е претседателката на Европската комисија, а бидејќи се очекува по изборите (6-9 јуни) Европската народна партија да остане најголема политичка групација, таа ќе го добие тоа позиција.
 
Кога станува збор за заинтересираните, Каја Калас е премиерка на Естонија и најчесто се споменува во Брисел како можен нов висок претставник.
 
Александар де Кро е белгиски премиер, но се верува дека нема да остане на таа функција по изборите на 9 јуни, кога се одржуваат и изборите за Европскиот парламент, а Софи Вилмес е поранешна премиерка и министер за надворешни работи на Белгија.
 
Бетел е актуелен министер за надворешни работи на Луксембург, Сикорски ја има истата позиција во владата на Полска, а Мартин е поранешен премиер на Ирска. мс/

Остани поврзан