• недела, 28 јули 2024

Познати добитниците на „Ноемвриската награда“ Куманово

Познати добитниците на „Ноемвриската награда“ Куманово

Куманово, 1 ноември 2023 (МИА) - Четири физички и две правни лица од Куманово се добитници на општинското признание „Ноемвриската награда“ соопшти на денешната прес-конференција, претседателката на комисијата, Невена Величковска Зиројевиќ. Меѓу добитниците се доктор Стефан Трајановски, лекар специјалист по ортопедска хирургија, проф. д-р Халим Хида, просветен работник и дипломат, во пензија, Драган Колебен, ликовен уметник, организатор и Драган Петровиќ, фудбалер и капитен на футсал репрезентацијата на Македонија. Од правните субјекти добитници се компанијата „Гроздановски“ и културното уметничкото друштво „Српски вез“.

На повикот пристигнале 28 апликации, 18 за физички и десет за правни лица. Наградите, плакети и симболична парична награда ќе биде доделена и на овогодишните и минатогодишните добитници.

- Им честитам на добитниците кои се успешни наши сограѓани во нивните дејности. Жалам за минатогодишните добитници кои не ги добија ланските парични средства. Се информирав од медиумите. Известена сум дека годинава ќе бидат исплатени заедно со новите добитници, изјави Величковска Зиројевиќ.

Одговарајќи на новинарски прашања, дали има фаворизирање на одредени добитници кои беа објавени на профил на советник, Величковска Зиројевиќ кажа дека нема право никому да му дозволува или брани како ќе управува со свои социјални мрежи, нагласувајќи дека добитниците се едногласно избрани од комисијата во која членуваат советници од различни политички партии. ам/са/

Фото: МИА

Остани поврзан