• сабота, 23 ноември 2024

Пожар зафати борова шума кај Македонски Брод во атарот на село Тажево

Пожар зафати борова шума кај Македонски Брод во атарот на село Тажево

Охрид, 20 јули 2024 (МИА) - Регионалниот Центар за управување со кризи во Охрид информира дека од Територијалната противпожарна единица Македонски Брод било известено за пожар во атарот на село Тaжево, кон Борова Брезница каде што гори борова шума.

Според ЦУК, пожарот се шири кон Тажево и доколку ја помине линијата преку сртот меѓу Борова Брезница и реката понорница Оча, тешко ќе биде изгаснат затоа што се работи за густа шумска вегетација, а тешко пристапен терен на косина од 50 до 60 степени со голема длабочина. Како таков, велат од ЦУК, не само што е непристапен по земјен пат туку тешко ќе биде и гаснењето со воздухоплови.

Првично на терен излегле четворица вработени од Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“, а од утрово тој број е зголемен со уште десетмина вработени, со распоредено теренско возило специјализирано за гаснење шумски пожари.

Планирано е да интервенираат екипи од ТППЕ „Македонски Брод“ и од општинската подржуница на ЈП „Национални шуми“, а доколку ситуацијата се усложни, ќе биде побарана интервенција од воздух. аб/бак/

Фото: ЦУК Охрид

 

Остани поврзан