• понеделник, 23 декември 2024

Поддршка од 93 граѓански организации за приоретизирање на родовата рамноправност во основно образование

Поддршка од 93 граѓански организации за приоретизирање на родовата рамноправност во основно образование
Скопје, 1 февруари 2021 (МИА) - Вкупно 93 граѓански организации изразија поддршка за приоретизирањето на родовата рамноправност и на заштитата од дискриминација и насилство во предлог-концепцијата за реформи во основното образование. Како што соопштија денеска од ХЕРА, интеграцијата на родовите прашања во основното образование несомнено ќе влијае на подолг рок врз намалување на родовите стереотипи кај децата и врз градењето на инклузивно и поправедно општество кое за повеќето граѓани е од национален интерес. -Имајќи предвид дека бројни анализи на учебниците од основно, средно и високо образование укажаа на присуство на родови стереотипи и дискриминаторски наративи, а дополнително и комплетно или релативно отсуство на дадени социјални групи (жени, лица со попреченост, етнички други, ЛГБТИ итн.), ја поздравуваме насоченоста на новата концепција кон надминување на овие крупни проблеми во продукцијата на знаења и вештини во рамките на образованиот процес, посочија во соопштението. Според граѓанските организации, воведувањето на изборен предмет за сексуално образование, како што предвидува новата концепција, дополнително ќе придонесе кон поголема информираност на младите за еднаквоста на луѓето, заштитата од насилство и намалувањето на дискриминацијата. -Минатите недели сме сведоци на јавни објави на повеќе жени актерки за сексуалното малтерирање во Србија, што уште еднаш покажува дека жените се жртви на постојано насилство по родова основа. За жал, со вакви примери се сретнуваме сè почесто, а тоа го докажува и истражувањето на ОБСЕ од 2019 година кое укажува дека дури две третини жени од регионот претрпеле некаков вид на насилство. Случајот Јавна соба во Македонија исто така ни покажа дека денес девојчињата сè повеќе се предмет на сексизам и сексуално вознемирување и дека постои итна потреба од нивна системска заштитаа, појаснуваат во соопштение. Здруженијата предлагаат и воспоставување на национален родово образовен механизам под покровителство на Министерството за образование и наука кој ќе следи и ќе ги одобрува наставните планови и учебниците кои ќе се користат во образованието за да се гарантираат принципите на еднаквост и заштита од дискриминација и од говор на омраза од аспект на род, пол и родов идентитет. Исто така, еден од нивните предлози е и создавање на задолжителен систем на едукација и кариерен развој на наставниците во унапредување на нивните компетенции за родовите прашања, еднаквоста и недискриминацијата преку програмите за обука на наставници во рамките на Бирото за унапредување на образованието. Дел од здруеженијата кои даваат поддршка на оваа платформа се Платформа за родова еднаквост, Мрежа за заштита од дискриминација, Глас против насилство – Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформа за одржливост на услугите за превенција и поддршка во врска со ХИВ и други. бт/ац/

Остани поврзан