• четврток, 26 декември 2024

„Поглед преку...“ изложба на слики од Вангел Срнаков

„Поглед преку...“ изложба на слики од Вангел Срнаков

Скопје, 15 март 2023 (МИА) - Во организација на Културно-информативниот центар – Скопје вечер ќе биде отворена изложбата „Поглед преку...“ од Вангел Срнаков. 

Изборот на дела кои ги обединува насловот „Поглед преку...“, работени во техника масло на панел /платно и поделени во три жанрови на изразување: Портрет (фигуративно), Пејзаж и Мртва природа (предметно), претставуваат сликарство со реалистични манири и со мали примеси на хиперреализам. Тематски акцентираниот видлив емотивен материјал, насочен и обликуван во делата, и присуството на ладниот колорит со доминација на сивата, сината и зелената боја, со својата целокупна визуелна интерпретација и фотографски ликовен третман ја преточува во една порака со апелациски став, согледана од двоен аспект – естетски и еколошки.

Александар Каракабаков, кустос историчар на уметност вели дека досегашното творештво на Срнаков изобилува со визуелност во повеќе техники на изразување, масло на платно, темпера на платно, масло на панел, емајл на ready made панел, како и повеќе сликарски дисциплини, портрет, мртва природа, пејзаж, од фигурација до апстракција. Иноватор, имајќи слух за нови тенденции,  без да се затвара во нивното битие и да им робува, ја зема онаа супстанца од нив, и преку палетата на бои и контрасти, органски ја вклупува во неговиот сликарски начин на размислување. Реалист, толкувач на животот, со препознатлив пристап и истражувања базирани кон нови форми, нов обликовен дух. Со употребата на разни материјали во делата кои носат печат на секојдневни настани со длабоки сочувства и идеи, неговата уметност зрачи со мир, хармонија и убавина.

-Во современото живеење, разните проѕирни материјали кои се во секојдневна употреба и се составен дел од нашето опкружување до таа мера што егзистираат како неприметливи односно невидливи. Нивната прекумерна употреба или злоупотреба претставува еколошки проблем од глобален карактер. Во последно време, е многу актуелизирана темата каде огромни количини на овие материјали како отпад завршуваат насекаде во животниот простор кој не опкружува. Авторот од свој ракопис преку делата сака да даде поинакво естетско видување на нештата односно субјектот на перципирање преку разните проѕирни материјали како што се пластиката, фолијата, стаклото, водата... Ликот односно портретот на моделот виден преку пластична фолија, актот виден преку стаклена површина, пејсажот виден преку стакло/позорец со капки вода, поглед во базен преку рефлексијата на водата... Преку делата, авторот нуди едно поинакво  видување на реалноста, филтерот помеѓу авторот/гледачот и субјектот на сликата создава рефлексија која дава поинаква реалност на сликата, остава порака за разумно користење на посочените материјали заради заштита на околината, вели Каракабаков.

Срнаков, правник по професија, сликар по вокација, кој во отсуство на формалното ликовно образование, потпирајќи се исклучиво на сопствените внатрешни импулси и креативни потенцијали, се формира изолирано и самостојно, но при тоа, уште во 1994 год.,охрабрен и под менторство на академскиот сликар Никола Бутров ги добива основните сликарски и технолошки поуки. Надграден со ликовните техники и изрази, ликовното творештво на Срнаков доаѓа до израз уште во 2006 година, каде редовно е застапен на самостојни и групни изложби во земјава и странство и до денешен ден неуморно твори и го збогатува личниот творечки опус.

Изложбата ќе биде отворена до 29 -ти месецов. фф/вг/

Фото: Културно информативен центар – Скопје

Остани поврзан