• среда, 27 ноември 2024

Повторно протестираа вработените во кумановската градинка пред општина Куманово

Повторно протестираа вработените во кумановската градинка пред општина Куманово

Куманово, 23 јули 2024 (МИА) - И денеска протестираа вработените во кумановската градинка „Ангел Шајче“ поради неисплатена јунска плата пред општинската зграда. Тие информираа дека сè уште не е исплатена јунската плата и побараа средба со кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски кој најави дека денеска или утре ќе ја добијат платата.

- Од општината, градоначалникот на средбата со претставници на синдикатот кажа дека платата е пуштена. Не правиме политички превирања, ова е социјален протест. Станува збор за административни работи, сите инволвирани институции се потрудија да го решат проблемот. Имало процедура ни објаснија ама не би си зела за право како е во детали. Дефинитивно проблемот е разрешен, изјави претседателката на регионален одбор на СОНК и претседател на синдикална организација во градинката, Цветанка Митевска.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски по средбата со претставниците на синдикатот зборуваше и пред вработените и ги информираше дека платата се исплаќа од блок дотации кои се трансферираат од Министерството за финансии на наменска сметка на општината која ги пренасочува кон установата.

- Проблемот којшто е настанат со платата, за кој жалам е во институцијата поради итни и неодложни работи се вработени седум лица за кои вашиот раководител нема претходно обезбедена потврда или согласност за обезбедни финансиски средства, а има склучено договори за работа. Денеска на своја одговорност ја потпишав платата за вас сите што сте во редовен работен однос истата ќе ви биде исплатена, а за седумте спорни лица ќе пуштам барање до надлежниот државен инспекторат да направи увид и да поведе постапка против лице кое не постапило согласно законот, најави Димитриевски.

Тој кажа дека нивно право е да протестираат и најави дека утре ќе ја добијат платата, кажа дека е задоволен од услугите што ги пружаат кон децата.

- Однесување на ниту еден директор во јавна институција или претпријатие нема да се почитува од моја страна. Знаете дека во минатото кога се вршеше избор на раководни тела на институцијата, во два наврати ми беа одземани ингеренциите за поставување на директор. Е резултатот на таквото неодговорно однесување е денеска и јас оваа како градоначалник ќе го спречам во соработка со повисоките инстанци, кажа Димитриевски.

Реагираше и директорката на кумановската градинка „Ангел Шајче“, Марина Алексовска која кажа дека не можела да вработи седум лица без согласност од градоначалникот.

- Ја демантирам и отфрлам како неоснована изјавата на градоначалникот Максим Димитриевски дадена на 23 јули годинава по протестот на вработените од градинката пред општинската зграда. За појасно да биде на граѓаните и на вработените од установата, седумте вработени лица се ангажирани за време на последните избори, март април и мај месец 2024. За нив имавме претходно побарана и добиена писмена согласност од градоначалникот на општината. За период од три месеци овие вработени земаа плата без никаков проблем. Бидејќи Владата сè уште не беше формирана, а имавме реална потреба за овие вработувања по основ на пензионирање, подолготрајно боледување, породилно боледување, повторно побаравме согласност за седум вработени за итни и неодложни и добивме пак писмена согласност една на 3 јуни, а втората на 11 јуни, годинава, информираше Алексовска.

Таа дополни дека од Министерството за труд и социјална политика и од Министерството за финансии ги информирале дека платата не може да помне затоа што согласноста за овие седум вработени за итни и недолжни работи „ја дава градоначалникот, а не министерството за финансии и затоа општината треба да си ги исплати. Без писмена согласност од градоначалникот, седумте лица за итни и неодложни работи не можат да бидат пријавени во Бирото за вработување, наведува Алексовска во писмениот допис до медиумите.

Протестот го организираше Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Вчера, вработените протестираа управната зграда на градинката. Во осумте објекти вработени се 232 лица. ам/дма/
 
 Фото: МИА

Остани поврзан