• среда, 27 ноември 2024

Повеќе од 50 земји ја поддржуваат тужбата на Јужна Африка против Израел 

Повеќе од 50 земји ја поддржуваат тужбата на Јужна Африка против Израел 

Кејптаун, 14 јануари 2024 (МИА) - Јужна Африка соопшти дека повеќе од 50 земји ја изразиле својата поддршка за нејзиниот случај пред највисокиот суд на ОН, во кој оваа земја го обвини Израел за геноцид врз Палестинците во војната во Газа.

Други земји, вклучително и САД, го отфрлија обвинувањето на Јужна Африка дека Израел ја прекршува Конвенцијата на ОН за спречување и казнување на злосторството геноцид, а многумина не кажаа ништо.

Реакцијата на светот на сослушувањата во четврток и петок во Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг ја покажува очекуваната поделеност околу 75-годишниот израелско-палестински конфликт.

Повеќето земји кои ја поддржуваат Јужна Африка се од арапскиот свет и Африка. Во Европа само Турција јавно ја изрази својата поддршка.

Ниту една западна земја не ги поддржа обвинувањата на Јужна Африка против Израел.

САД, близок сојузник на Израел, ги отфрли како неосновани, Велика Британија како неправедни, а Германија целосно ги отфрла.

Кина и Русија малку кажаа за еден од најзначајните случаи пред меѓународниот суд, а Европската унија исто така не коментираше.

Израел ги отфрла обвинувањата за геноцид и вели дека го брани сопствениот народ. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан