• понеделник, 23 декември 2024

Побарувачка за недвижности во руралните средини, не се очекува намалување на цените

Побарувачка за недвижности во руралните средини, не се очекува намалување на цените
Скопје, 17 март 2021 (МИА) - Во иднина може да се очекува да продолжи трендот на зголемување на побарувачката за недвижности во руралните средини и викенд места, додека во градските средини да се одржи нивото на побарувачка како и досега. Луѓето за време на кризата, според  носителите во оваа дејност, инвестираат во недвижности и продажбата на станови се одвива непречено благодарение на побарувачката. Недвижностите се покажаа како „безбедна“ инвестиција во услови на пандемија и не може да се очекува намалување на цените. Пандемијата се одрази врз општествено – социјалниот живот и начинот на работа на луѓето, што влијаеше и врз случувањата на пазарот на недвижности и структурата на побарувачката. Од агенцијата за надвижности Асторија кои работат на пазарот на недвижности во Скопје и во Охрид велат дека бележат мало зголемување на интересот за недвижности надвор од урбаните средини,  а како најбарани локации ги посочуваат, Соње и Припор. – Во Скопје сега е поголем интересот за куќи и се бараат на локации во Тафталиџе, Водно, Козле, Влае. Има луѓе кои прават промени и се селат од стан во куќа. Во однос на минатата година од почетокот на оваа година интересот за закупите е зголемен, со мало намалување кај закупите од странци. Има интерес за недвижности во Охрид, но за таму побарувачката е постојана, изјави за МИА Слободан Митревски од агенцијата за недвижности „Асторија“. Искуствата на агенцијата Дома дом, пак, покажуваат дека има се повеќе интерес за плацеви за куќи во Кучково, Зелениково, Солунска глава. -Ако закупите се значително намалени, нема никави проблеми во продажбите. Се продава се. Нема нешто што ќе се огласи од недвижност, а да не се продаде. Во однос на цените кај закупите намалувањето е за 30 отсто во однос на цените од 2019, а кај продажбите на становите има минимално зголемување. Центар, Аеродром, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Хром, се локациите на кои најчесто се бараат станови, велат за МИА од Дома Дом. Друга скопска агенција за недвижности што ја анкетиравме, сподели дека кај новоизградените станови има раст од 10 проценти на цените. И покрај кризата, посочуваат, инвеститорите ја кренаа цената, генерално се е поскапено, материјали и други работи. Како најатрактивни остануваат Аеродром, Центар, Карпош и дел од Водно. Како што изјавија за МИА од Групацијата на агенции на недвижности при Стопанската комора на С Македонија, пандемијата го зголеми интересот за недвижности надвор од главниот град, при што се забележува пораст на побарувачката за недвижности во рурални средини и викенд места (Катланово, Матка и други). Продажбата на недвижности во градските места се одвива како и претходно, додека закупите се значително намалени. -Податоците за постигнати просечни цени по квадратен метар станбен простор во текот на изминатите месеци, склучените продажби на недвижности особено во општините каде што има најголем обем на продажби, како и побарувачката за недвижности упатуваат на тоа дека не може да се очекува намалување на цените на недвижностите, со оглед дека тие се покажаа како „безбедна“ инвестиција во услови на пандемија, оценуваат од Групацијата на недвижности. Таа е дел од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при комората. Ги претставува и застапува интересите на компаниите – членки при Здружението кои вршат дејност и нудат услуги поврзани со прометот на недвижностите вклучувајќи посредување при закуп и продажба, процена на недвижен имот, консалтинг и друго. Како што појаснуваат од Групацијата, мерките за превенција од ширење на вирусот, намалените административни капацитети, како и менувањето на организацијата на работните процеси се одрази врз работењето на агенциите на недвижности и предизвика промени во структурата на трансакциите. Негативните ефекти врз пазарот на недвижности најмногу се почувствуваа во месеците по стартот на пандемијата. Така, во вториот квартал 2020 година се забележа намалување на обемот на трансакции од 17 проценти во однос на обемот на трансакции во вториот квартал од 2019 година. Во компарираниот период, кај продажбите се забележува пад од 7,9 проценти додека кај закупите од 39,4  проценти. Пандемијата, укажуваат од Групацијата, ги погоди деловните субјекти со различен интензитет. Компаниите кои ги исполнуваа условите имаа право да користат дел од општите мерки за ублажување на економските последици од пандемијата како бескаматни кредити за подобрување на ликвидноста, субвенционирање на платите, субвенционирање на придонесите од социјално осигурување, олеснувања во подмирувањето на доспеаните обврски по основ на кредит кон банките и финансиските друштва и други. Драстичен пад на закупите, продажбата на станови и одолеа на кризата Групацијата на агенции за недвижности нема директни информации за затворање компании, но, како што велат, секако постојат и такви кои не можеа да се справат со притисокот и последиците од здравствено – економската криза. Во однос на оние претпријатија кои продолжија со работа, посочуваат, може да се каже дека годинава има одредено раздвижување на пазарот и придвижување на состојбите во позитивна насока. -Пандемијата негативно се одрази врз закупите на недвижности каде се забележува драстичен пад особено кај закупите на деловните простори, но и кај закупите на други недвижности. Падот во голема мера се должи на промените во начинот на живот и работа на луѓето, намалување на обемот на миграции на студенти, работници и други лица со место на живеење различно од местото каде ги вршат секојдневните активности како резултат на се поголемата употреба на технологијата во процесот на работа и учење, односно замената на физичкото со online присуство, оценуваат од Групацијата. Од друга страна, како што појаснуваат, продажбата на недвижности, како и продажбата на станови која учествува со најголем дел во вкупната продажба успеа да и одолее на кризата. Во првите девет месеци од 2020 година споредено со истите од 2019 година има пораст на бројот на продажби од 7,4  проценти, кој во делот на стари недвижности изнесува 6 проценти, додека во делот на продажбите од инвеститор 13,5 проценти. Оттука, може да се забележи дека луѓето за време на кризата инвестираат во недвижности и продажбата на станови се одвива непречено благодарение на побарувачката. Анализирано според локации, побарувачката за недвижности за време на пандемијата, се одвива како и претходно. Изминатиот период, најголем обем трансакции, вклучувајќи и најголем број  продадени станови според регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности има во главниот град, поконкретно во општините Центар, Карпош и Аеродром. Групацијата смета дека состојбите се сé уште неизвесни и оти не може да се дадат конкретни проценки со оглед дека се ќе зависи од исходот од пандемијата и имунизацијата на населението. Сепак, велат, се поизвесно е дека кризата нема да заврши оваа година. -Пандемијата се одрази врз општествено – социјалниот живот и начинот на работа на луѓето, што влијаеше и врз случувањата на пазарот на недвижности и структурата на побарувачката. Во таа насока, во иднина може да се очекува да продолжи трендот на зголемување на побарувачката за недвижности во руралните средини и викенд места, додека во градските средини да се одржи нивото на побарувачка како и досега, велат од Групацијата. Доминантни купопродажбите на недвижностите Во период на корона криза на пазарот на недвижности лани се евидентирани 25.232 трансакции, од кои 18.755 продажби, а 6.447 закупи. На купопродажби отпаѓаат 74 проценти од трансакциите, а на закупи 36 проценти, покажуваат податоците од Годишниот извештај на Катастарот во чии рамки функционира Регистарот на цени и закупнини. Нивните податоци покажуваат дека во споредено со 2019 година  лани бројот на купопродажби е намален за 1369, а на закупите за  1.130. Направените купопродажби биле во вредност од 693 милиони евра. Вредноста на 15.079 продажби изнесува 502 милиони евра, на 48-те евидентирани лицитации 49 милиони евра, од инвеститори 99 милиони евра, а регистрираните 411 откупи од државата се во вредност од три милиони евра. Ако во 2019 имало 15.079 продажби, во 2020 се регистрирани за илјада повеќе, односно 16.126. Зголемување има и на купопродажбите од инвеститори, од 3.217 во 2019, на 3.463 во 2020 година. Евидентираните 6.447 закупи се во вредност од 2.462 илјади евра. Имало 2.025 закупи на стан во вредност од 409 илјади евра, а 716 закупи на куќи во вредност од од 142 илјади евра. Регистрирани се и 2.417 закупи на деловен простор  со вредност од 1.510 илјади евра, 994 закупи на земјоделско земјите во вредност од 62 илјади евра. Под закуп биле и 131 индустриски објект, за што биле платени 93 илјади евра. Закупите на станови се намалени од 2.670 во 2019 година на 2.055 во 2020. Кај закупите на куќи бројот е намален од 1.051 во 2019 на 716 во 2020 година. Намалување бележат и закупите на деловни просторни, односно лани имало 866 помалку во однос на претходната година. Според последните статистички податоци, секторот на дејности поврзани со недвижен имот има 645 активни деловни субјекти и вработува 2.532 лица. Лидија Велковска  Фото Дарко Попов

Остани поврзан