• вторник, 17 декември 2024

Планинската вело тура низ Јабланица „Вевчанска голина-Локва“

Планинската вело тура низ Јабланица „Вевчанска голина-Локва“

Струга, 18 април 2024 (МИА) – Промоција на убавините на планината Јабланица и споменикот на природата „Вевчански извори“, како и на можностите за развивање на велосипедскиот туризам на ова подрачје е целта на планинската вело тура „Вевчанска голина-локва“ што ќе се реализира во јули во организација на Еко-свест – Вевчани и Рупикапра МТБ Струга.

Турата, како што информира организаторот, треба да почне од центарот на Вевчани со крајна цел Вевчанска Голина (локва).

- Патеката од центарот на Вевчани продолжува по следниот редослед: Вевчански Извори-Есејнца-Смолејца-Јанков Камен-Манастир „Св. Климент“ – Горна Белица-Вевчанска Голина (Видиковец), па назад кон Вевчани преку Средни рид. Патеката е со должина од 30 километри и елевација од 1.100 метри. Секој учесник, доколку сака може да се приклучи и на кратко планинарење од 30 минути од Видиковецот на Вевчанска голина до Вевчанска Локва и да ужива во капење во бисерот на Јабланица, глацијалното езеро Вевчанска Локва, соопшти Еко свест Вевчани.

Пред турата, Еко-свест и Рупикапра МТБ, најавија акција за чистење отпад, расчистување на патеки, поставување на патокази и слично.

Вело турата е дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со споменикот на природата Вевчански извори“ финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT. сс/ир

Фото: Еко свест Вевчани

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан