• понеделник, 23 декември 2024

Петровска: Лицата кои носат униформа подалеку од политиката, нужна е трансформација на професионалното образование и обука

Петровска: Лицата кои носат униформа подалеку од политиката, нужна е трансформација на професионалното образование и обука
Скопје, 10 мај 2022 (МИА) - Воената академија ги следи и ќе продолжи да ги следи чекорите и да се вклучи активно во едукација во која ќе произлезат уште повеќе идеи, проекти, јавни политики и документи што ќе ги даваат контурите на целосно заокружување на борбените способности на одбраната. Воената академија и Генералштабот потребно е да соработуваат уште повеќе за на крај да се добие производ, за кој нема да има потреба од дополнителна обука и веднаш по дипломирањето питомците ќе бидат подготвени да ги преземат нивните должности. Ова е една од пораките на министерката за одбрана Славјанка Петровска, што ги упати на денешната научно-стручната трибина „Три децении Армија, три децении воено образование, научени лекции, реалност и перспективи“ на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. Таа беше децидна дека сите лица кои носат униформи треба да бидат далеку од политичките партии затоа што, како што истакна, носењето униформа и дневната политика не одат заедно. Во таа нивна заложба Петровска вети дека ќе им биде сојузник. Потенцирајќи ја важноста на обуката за лидерство и менаџмент, министерката Петровска порача и дека тоа е сегмент каде треба да се посвети особено внимание, со цел да се добијат офицери подготвени веднаш да одговорат на потребите на Армијата. - Никаде праксата на лидерство не е толку важна, како што тоа е важно во секторот на одбраната, истакна министерката за одбрана. Кога навршуваме три децении самостојна македонска одбрана ќе мора да си погледнеме во очи, рече Петровска, и да ја истакнеме нужната потреба од длабока трансформација на професионалното образование и обука во одбраната. - Главната задача на нашиот професионален едукативен систем е да го подготви персоналот во обраната успешно да се справи со поширокиот спектар на предизвици во одбраната и безбедноста, додаде таа. Основна задача, потенцира Петровска, е да се подготват лидери во безбедносното опкружување во 21 век кои ќе бидат оспособени да функционираат во услови на зголемена неизвесниот. Таа побара да се ревидираме наставните планови и програми и да се дополнат темите што се изучуваат, да се ажурираат концептите, приодите и технологиите. Министерката за одбрана Петровска најави дека ќе престои ревидирање на многу клучни стратешки документи, што се веќе донесени, а некои од нив застарени. - Сите вие сте добредојдени да учествувате во нивната ревизија. Затоа што ако какви било процеси во Министерството водиме изолирано и ги водиме сами или ги водам јас за своја лична промоција тие однапред ќе бидат осудени на неуспех. Тоа не е мојата заложба. Мојата заложба е да имаме и работни состаноци коишто ќе ги чуеме вашите забелешки, коментари и секако критики секогаш добредојдени за тоа каде и како треба да се развива нашата одбрана, им рече Петровска на присутните поранешни началници на ГШ, министри за одбрана, генерали и останати присутни. Новите генерации на кои сите ние веруваме и вложуваме, оцени Петровска, мора да имаат поголеми познавања од раководењето и командување, но и од областа на економијата, технологиите, комуникациите, лидерството и менаџментот. Таа смета дека Воената академија како членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ треба уште повеќе да се отвори кон цивилните високообразовни институции од областа на одбраната, безбедноста и меѓународните односи, но воедно да ја согледа и потребата од своето место во едукацијата на кадар за другите безбедносни институции и коморски здруженија. Началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ја промовираше монографијата „30 години македонска армија, формирање и развој“. Деканот на Воената академија полковник Митко Богдановски во обраќањето пред присутните нагласи дека Академија константно работи на унапредување на условите, можностите и на подобрување на сите можни капацитети за спроведување на настава на највисоко ниво. Се осврна и на питомците кои доаѓаат на Воената академија од други држави од регионот, што значи, како што рече, дека имаме голема доверба од страна на државите во регионот и сака тоа ниво не само да се одржи, туку и да се подигне. - Како Воена академија во изминатиот период навистина многу постигнавме. Константно сме учесници, не само како слушатели, туку и како организатори на разни настани во рамки на разни НАТО центри - Анкара, Естонија и други, каде ги нудиме нашите услуги во разни области. Препознаени сме како експерти, кои можат да понудат многу и покажале дека имаат капацитет да помогнат на НАТО во градењето на нивните капацитети, рече меѓу другото Богдановски. Деканот на Воената академија побара помош во иднина во делот на командно штабните области и потенцира дека без помош од луѓе кои доаѓаат од оперативата и се со големо искуство, не ќе може да се дадат добри кадри. Тој меѓу другото се заблагодари на поддршката од МО и од Генералштабот затоа што, потенцираше, без нивната поддршка и соработка не би можеле, подвлече, да ги надминат низата предизвици со кои се соочиле во минатото. цр/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан