• сабота, 23 ноември 2024

Петре Зограф, иконописец од Струга со четка и боја го оживува ликот на светецот

Петре Зограф, иконописец од Струга со четка и боја го оживува ликот на светецот
Струга, 10 април 2021 (МИА) – Иконата е врата на тајната, прозорец кон вечноста. Кога ја гледаш треба да имаш чуство дека си пред нешто на кое се молиш, тогаш целта е постигната. Вака ни започна разговорот со иконописецот Перо Гогоски, самоук уметник и сертифициран новинар по научно новинарство од Струга. Петре Зограф, како што е потпишан на неговите дела покрај, во фелата е познат и како Петре Гогов, покрај во неговото атеље или на терен, во неделите може да се сретне и во хорот во црквата „Свети Ѓорѓи“. Следбеник е на византиското пеење и сликање икони. При сликањето икони, тој го оживува ликот на светецот, а процесот на работата му станува простор и време каде може да се моли. Кога ги твори своите дела, преку својата имагинација, Петре наоѓа духовност и молитвеност во нив. Иконата ја доживува духовно. Црта со чуство на поврзаност и верба, дека финалниот производ ќе ја оживее молитвата. Токму тука ја наоѓа и поврзаноста со црковното пеење. За него црковната уметност е симбиоза, врска меѓу иконата, црковното пеење и молитвата. - Иконописот е духовна и креативна дисциплина, во која треба да направиме дело, кое кај гледачот ќе предизвика прашања за другата страна, за духовноста, вели Гогов. Живее со икони, за икони и од икони Првата икона ја нацртал на 13 години, по инспирација од филмот „Исус од Назарет“ и по терк на икона од православно календарче, но воопшто не бил свесен дека тоа е икона, бидејќи во тоа време дома немале икони. Подоцна се сретнал и со црковно пеење, па почнал сам да се образува за овие уметности. Тајните на иконописот и пеењето ги учел од книги, а со интернетот информациите му станале подостапни, па така само се надоградувал. Првите насоки за сликањето ги добива во атељето на битолскиот иконописец Благојче Петровски. - Во атељето на Благојче почнав да ги согледувам тајните дека иконописот не е обично сликање. За мене беше вистинско мистично доживување автентичната техника кога од темни бои се оди кон светли, односно од темнина се пристапува кон светлина. Тој процес на осветлување беше откритие за мене. Своевидна смисла на животот, процес кој уште трае, истакна Петре. На почетокот целта му била да наслика икона што многу ќе му се допадне со сета самокритичност што ја поседува и ќе може да се моли на неа, но денес тоа му е професија. - Иконописецот има задача да направи икона, која ќе биде помагало за молитвата. Тоа е најголемиот предизвик за мене. Тоа се постигнува само ако човек живее молитвено, знае што е богослужение. Иконата ја доживувам духовно, нешто свето. Иако денес повеќето сме еден вид „кописти“ на ремек-дела создадени во епохи на голем духовен процвет, сепак со естетски истанчен вкус, може нешто да се изостави, нешто да се додаде, и на крај да се добие убава, нова и жива икона. Јас лично сликам до оној момент кога иконата „ќе прозбори“. Тогаш почнувам да размислувам дали и во која мера е веќе завршена, посочи струшкиот зограф, нагласувајќи дека живее со икони, за икони и од икони. Блискоста со иконите ја споредува како со член од семејството Блискоста и поврзаноста со своите дела и разделбата со нив ја споредува како разделба со близок човек од семејството. Посебно драгоцен за него е иконостасот во црквата „Свети Архангел Михаил“ во охридското село Ботун. - Работев иконостас, составен од четири престолни икони Исус Христос, Богородица, Архангел Михаил и Свети Јован за црквата „Свети Архангел Михаил“ во Ботун. Кога дојде моментот од атељето да си одат во црква, мене ми беше како да ми си оди некој домашен. И секогаш кога некоја икона ќе оди онаму каде што треба е како да испраќам некој многу близок, рече Петре. Својата зографска кариера во моментот ја гради во тајфата „Свети Наум“, со која неодамна го завршија фрескописот во црквата „Свети Димитрија“ во Кавадарци, а во моментот работат на иконостасот од црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров. Иконите на Петре може да се сретнат и во домовите на православните христијани, кои нарачуваат икона по своја лична желба. – Јас многу сакам кога некој ќе ми каже „еј мене ми се допаѓа иконата, ми го донесе Господ или некој светител дома“. Тоа е најголемиот дар кој го добива иконописецот, вели зографот Петре. Црковната уметност е симбиоза од икони, пеење и молитва Црковната уметност, за Петре е еден вид симбиоза од икони, пеење и молитва. Вели дека едно без друго не оди. - Во црковната духовна уметност се е во заедништвото. Иконата без црковно пеење не оди, исто како што и црковното пеење без икона и молитва не е целосно. Фреските без икона, молитва и пеење, не би го постигнале целиот ефект, посочува Гогов. Во неговото атеље наредени се икони од повеќе светци, сите со воја мистика и детали, кои го карактеризираат творештвото на Петре. Сака да експериментира со деталите, тоа и го прави во слободното време. - Кога тие детали ќе бидат зголемени или претставени посебно се добива цела приказна, кажува нашиот соговорник. За изложба вели дека е рано, но неговите дела можат да се видат на социјалните мрежи, што за него е еден вид изложба. Фасциниран е од автентичноста и мистиката на иконата на свети Ѓорѓи, во истоимената црква во Струга. Нашата држава, нагласува дека има многу споменици на културата, цркви и манастири кои го чуваат грижливо светското културно наследство. Како пример ги посочи црквите „Свети Пантелејмон“ во скопско Нерези, „Света Софија“ во Охрид, „Свети Никита“ во Скопска Црна Гора, Охридскиот музеј на икони... - Тоа се фрески и дела, пред кои нема кој не занемел, дециден е Гогоски. Освен преку четка и боја, одлично се изразува и со перо Желбата да спознава нови работи го однела да се запише на Високата школа за новинарсто и да го испече и овој занает. Но, не сакаше многу да зборува за професијата, бидејќи повеќе го влече уметноста или можеби по неколкугодишната работа како новинар, забелешката дека влегува во некој лавиринт го натерала да се оддалечи од него. - Новинарството ми беше креативно, живо. Таму научив да се изразувам со зборот, така почнав да пишувам и раскази. Барав поврзаност меѓу уметноста и вестите. Сакав да ги насликам вестите, видов дека модерните трендови го можат тоа. Но, идеите беа тешки за реализација, треба голема екипа и многу брза работа. Остана една неостварена идеја, рече Гогоски. Слаѓана Стојкова Костоски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан