• понеделник, 23 декември 2024

Пентагон тврди дека во Русија има 12.000 севернокорејски војници

Пентагон тврди дека во Русија има 12.000 севернокорејски војници

Вашингтон, 5 ноември 2024 (МИА) – САД проценуваат дека има околу 12.000 севернокорејски војници во Русија, од кои 10.000 се во регионот Курск.

- Доколку овие војници се вклучат во операции за борбена поддршка против Украина, тие би станале легитимни воени цели, рече портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, повторувајќи ги коментарите дадени минатата недела од страна на министерот за одбрана Лојд Остин.

Тој рече дека Пентагон „ги разгледува“ извештаите за наводните борбени операции на Северна Кореја.

Војниците од Пјонгјанг пристигнаа во Русија минатиот месец, соопштија официјални лица. Московските сили ги обучувале за пешадиска и артилериска тактика, расчистување ровови и ракување со дронови, соопштија САД. Русите им обезбедиле на севернокорејските војници и руски униформи и опрема.

- Сите индикации се дека тие ќе обезбедат некаков тип на борба или поддршка за борбена способност, рече Рајдер во изјавата.

- Целосно би очекувале Украинците да го направат она што треба да го направат за да се одбранат себеси и својот персонал, додаде тој.

Портпаролот на Пентагон укажа на неодамнешните коментари на Остин, во кои секретарот за одбрана рече дека севернокорејските сили би можеле да се искористат „за да ги заменат огромните загуби што ги претрпува Русија“.

- Мислам дека тоа е веројатно точна проценка и сигурно не би сакал да бидам севернокорејски војник таму, рече Рајдер. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан