• сабота, 23 ноември 2024

Пендаровски посака успешно Светско шаховско првенство на слепите и визуелно хендикепирани лица

Пендаровски посака успешно Светско шаховско првенство на слепите и визуелно хендикепирани лица
Скопје, 26 јуни 2022 (МИА) - Навистина ни претставува особена чест што сме домаќини на 16 шаховски репрезентации и апсолутно сум убеден дека претстојното Светско првенство ќе придонесе за дополнително афирмирање на шахот во нашата земја и ќе биде дополнителен мотив за сите кои рекреативно или професионално се врзани за оваа древна игра, напиша на својот Фејсбук профил, претседателот Стево Пендаровски, упатувајќи поздравно писмо до шахистите учесници на Светското екипно првенство во шах за слепи и визуелно хендикепирани лица, што се одржува во Охрид од 27 јуни до 8 јули 2022 година. Во знак на поддршка на слепите и визуелно хендикепирани лица, а во соработка со Филозофскиот факултет во Скопје, неговото писмо било преведено на Брајова азбука. - Шахот претставува своевиден симбол за животот, за животните борби и искушенија. Тој е повеќе од спорт, од игра. Битките на шаховската табла изискуваат концентрација, креативност, упорност и смелост. Впрочем како и во животот. Сите фигури се со определени, ограничени движења, бројот на полињата е лимитиран на 64, а сепак постојат неброени комбинации и можности. И во животната реалност покрај ограничувањата и препреките, ништо не може да ја спречи волјата, мотивацијата, храброста. Дозволете да го пренесам мојот восхит на начинот на кој се справувате со животните искушенија и на страста и посветеноста на шахот, стои во објавата на претседателот. Тој посака успешно организирање на Шаховското Светско првенство и интересни и незаборавни партии помеѓу шаховските мајстори. ар/сп/

Остани поврзан