• вторник, 24 декември 2024

Пендаровски: Негативната демографија најголема закана за иднината на државата, корупцијата најголем двигател на иселувањето

Пендаровски: Негативната демографија најголема закана за иднината на државата, корупцијата најголем двигател на иселувањето

Скопје, 15 декември 2023 (МИА) – Најголемата закана по националната безбедност и иднината на Северна Македонија е негативната демографија. Населението забрзано старее, државата забрзано се празни...Корупцијата меѓу најизразените фактори што продонесуваат за иселувањето. Тоа меѓу другото го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќање на денешната презентација на проекцијатата на населението во земјава до 2070 изготвена од страна на Државниот завод за статистика.

Пендаровски нагласи дека позагрижувачко од неповолни демографски трендови е кога институциите на државата да не се свесни за тоа. Токму затоа пописите и проекциите на населението имаат за цел да ја презентираат демографската реалност и да дадат појасна претстава за демографската иднина.

Врз основа на резултатите од спроведниот попис, Државниот завод за статистика ги изготви проекциите, според кои до 2070 година населението во Македонија би се намалило за дури 35 проценти, од сегашните 1,8 на одвај 1,2 милиони жители, така што веќе се достигнати проекциите што ОН ги предвидуваа за земјата за 2030 година.

- Кога во 2021 година најдовме политичка волја да се проеброиме реков дека резултатите ќе не соочат со нашите најголеми стравови, притоа не мислев на стравови од другите, различните од нас, туку од стравот колку малку не има, посочи тој.

Пендаровски предупреди дека од трите клучни демографски двигатели -  наталитетот,  морталитет и миграцијата, најзагрижувачки е третиот, дотолку повеќе што, намалувањето на населенито многу повеќе се должи на високата стапка на иселување отколку на ниската стапка на наталитетот.

Тој уште истакна дека Светскиот извештај за миграции за 2020 ја вбројува Северна Македонија меѓу дваесетте држави со највисока стапка на иселување, тренд за кој експертите предупредуваат дека се очекува да продолжи и во иднина.

- Според многумина, еден од најголемите двигатели на иселувањето е коруцијата. Штетните ефекти на корупцијата ги среќаваме во секоја сфера – зголемена сиромаштија и социјална неправда, загаден воздух, бетонизација на зелените површини, потпросечни резултати во образованието, одложена правда, поделби во општеството. Сето тоа создава амбиент на безнадежност и безпрерспективност кај многу наши сограѓани. Евидентно е дека се повече луже си заминиуваат не толку заради висината на платата, туку поради неквалитетот на животот, рече Пендаровски.

Притоа, тој изрази надеж дека негативната демографска иднина не мора да стане нашата судбина, дека благодарение на професионални изработените проекции и  анализи може да се донесат одлуки и изготват правилни долгорочни политики што ќе го запрат таквиот тренд.

Како единствен начин да се намали иселувањето, да се зголемат повратните миграции и да го поттикне наталитетот, Пендаровски гледа преку изградба на демографски отпорно општество, односно создавање општество во кое луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства.

Според него, државата треба да се фокусира на четирите развојни приоритети, содржани во Стратешката рамка за развој „МКД 2030” - забрзан економски развој, повисока заштита на животната средина и реформа на енергетската политика, дигитализација и, последно, според Пендаровски најважното - образование, млади и инклузивен раст.

- Сето ова ќе ни помогне да го димензионираме македонското образование според реалните потреби на пазарот на трудот, а, здравствените и социјалните политики според потребите на населението. Заедно со Националната развојна стратегија 2021-2041, овие два документа треба да им помогнат на носителите на одлуки во изградбата на инклузивно и праведно општество во кое, наместо етничката припадност или партиската книшка, знаењето, вештините, професионалноста и интегритетот на личноста, ќе бидат пресудни за успехот, рече претседателот Пендаровски. 

Истовремено, посочи дека мора да се води фронтална борба против корупцијата за функционална правна држава со владеење на правото како нејзин фундамент.

- Тоа е важно за преговорите за членство во Европската Унија, но, уште поважно за нашите граѓани. Ако сакаме македонските граѓани да не се иселуваат во Европската Унија, европските вредности треба да ги имплементираме тука, кај нас.Само така ќе успееме да ги намалиме миграциите, да го поттикнеме наталитетот и да го развиваме воопшто човечкиот капитал, рече претсетелот Пендаровски. аб/аа/

фото/МИА

Остани поврзан