• сабота, 21 декември 2024

Пендаровски: Нашиот пат е евроатлантски, сѐ друго е враќање во комплетно неизвесна иднина

Пендаровски: Нашиот пат е евроатлантски, сѐ друго е враќање во комплетно неизвесна иднина

Скопје, 6 април 2024 (МИА) – На централен митинг вечерва во Кичево, за кој рече дека е град - Македонија во мало, кандидатот за претседател на државата Стево Пендаровски поддржан од СДСМ го нагласи значењето на соживотот. Рече дека ги исполнил очекувањата во изминатите пет години зашто не ги делел луѓето, еднакво третирал секој човек, почитувајќи го потенцијалот на секого што е корисен за добросостојбата на државата. 

-Само така можеш да се наречеш претседател на сите граѓани. Улога на претседателот  е да сплотува. Делбите се најголемата закана. Мал народ сме и ако се глодаме, ако се јадеме меѓу себе, нема да напредуваме, порача Пендаровски.  

За претходниот мандат рече дека бил во тежок период, со корона пандемија, но сепак се случиле добри работи за државата, пред се членство во НАТО благодарение на политичката структурата во која е и тој, која „конечно успеала да го реши тоа“, како што рече,  по цена и да загуби од рејтингот и популарноста, но за подобар живот на следните генерации. Македонија денес е рамноправна членка на НАТО, рече Пендаровски, меѓу најмоќните и најдемократски држави. 

-Нашиот пат може да биде само евроатлантскиот, Америка и Западна Европа. Тоа се урнеците кои мораме да ги следиме и на кои мора да се огледуваме. Сѐ друго е замајување на народот и се друго е враќање назад во комплетно неизвесна иднина која ни ја нудат некои, за жал и овие денови во рамки на оваа кампања, истакна Пендаровски. 

Главната опозициска партија, рече тој, е против Рамковниот и Преспанскиот договор и „денеска да се во можност би го смениле или поништиле Рамковниот договор и би го промениле Преспанскиот договор“. Повика да им се каже „масовно ’не’ на таквите обиди и опции“.

-Затоа што тие нѐ носат во голема неизвесност и веројатно во нови конфликти. Ова е патот по кој мораме заедно да продолжиме ако сакаме поубава и посреќна иднина за сите нас, порача Пендаровски. 

Во однос на домашната политика, битката против криминалот и високата корупција, рече, ќе биде негова највисока должност и во наредните пет години ако ја добие довербата. Нагласи дека досега се залагал за владеење на правото, жестоко се борел против корупција и криминал и тоа и го исполнил зашто нема  криминална афера.

Како што рече, кај него нема провизија, непотизам, судир на интереси, тој работи за плата, а не за проценти и криминални структури. Смета дека многу кои ја добиле довербата од граѓаните, и на локално и на централно ниво, не ја оправдале таа чест. 

-Така ќе биде и натаму. Сите кои влегуваат во криминал, тамам да ми се најдобри другари и најблиски роднини, ќе бидат јавно жигосани, јавно ќе се откажам од нив и ќе побарам надлежните органи да ги процесираат... Мораме да бидеме гласни и на таквите да им кажеме да се тргнат и да не ги заземаат местата на способните, на младите и чесните  луѓе домаќини, рече Пендаровски.

На тој план, рече, застанавме на половина пат и затоа ветува уште посилна битка против корупцијата. Се залага за  комплетна контрола на имотот на сите судии, обвинители и на политичарите - „да видиме како некои луѓе од плата направиле палати и милиони на грбот на народот“. 

Им даде можност и на граѓаните на митингот да му постават прашања.  Одговарајќи на прашање за коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со партии од албанскиот блок, рече дека „тие со националистичка реторика сакаат да добијат повеќе пратеници за да не ги уценуваат Албанците“, а потоа, ако добијат, „ќе си влезат во коалиција со која било албанска партија сосема ладно, сосема комотно“.

-Во Македонија влада без политички претставници, барем на најголемите етнички заедници, не е можна или е можна ама е опасна... Ова е вообичаена реторика кога работите не им одат добро, рече  Пендаровски. 

На прашањето зошто Мицкоски, а не Силјановска-Давкова е на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ, одговори дека тоа не е затоа што противкандидатката ја прекинала кампањата, туку затоа што лидерот на опозициската партија „сега е шпицен кандидат за претседател како што пред четири години беше шпицен кандидат за премиер“.

-Да не ве чуди ако догодина биде шпицен кандидат за градоначалник на Скопје. Веројатно нешто ќе му се погоди, додаде Пендаровски. 

На критиките од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека само тој зборувал на митинзи и бил оставен сам одговори така што  ги повика кичевци да дојдат на бината за да се види дека „јас сум секогаш со мојот народ“. 

Пред централниот митинг во Кичево, Пендаровски имаше средби со граѓани на Македонски Брод. хс/аа/

Фото: принтскрин

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан