Пендаровски: „Македонија2025“ е позитивен пример за придонесот на македонските иселеници во економскиот и демократски развој на земјата
- „Македонија2025“ е позитивен пример за придонесот на македонските иселеници во економскиот и демократски развој на Северна Македонија, истакна претседателот Стево Пендаровски на средбата со п
Скопје, 23 септември 2021 (МИА) - „Македонија2025“ е позитивен пример за придонесот на македонските иселеници во економскиот и демократски развој на Северна Македонија, истакна претседателот Стево Пендаровски на средбата со претставници на организацијата во Њујорк.
Како што соопшти кабинетот на Пендаровски, на средбата претставниците на „Македонија2025“ го информираа претседателот за досегашните активности и приоритети во контекст на нивното делување во Њујорк и на американскиот континент во целина.
Оддавајќи признание за досегашните вложени напори, претседателот Пендаровски ги охрабри претставниците на „Македонија2025“ за нивен засилен ангажман преку кои се искажува и волјата и решеноста на македонската дијаспора активно да се вклучи во градењето на иднината на Северна Македонија.
На средбата, како што стои во соопштението, стана збор за идните планови на организацијата, како и за програмите за стипендирање и други проекти преку кои активно се градат лидерски вештини кај младите и се поддржува нивниот талент.
Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за вклученоста на „Македонија2025“ како партнери и поддржувачи на Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование.
Претседателот Пендаровски денеска во Њујорк ќе се обрати на Генералната дебата на 76. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржува на тема „Градење отпорност преку надеж - опоравување од Ковид-19, одржливо обновување, одговор на потребите на планетата, почитување на правата на луѓето и ревитализација на Обединетите нации“.
Доцна вечерва по средноевропско време претседателот Пендаровски ќе оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. дма/ац/