• четврток, 07 ноември 2024

Пезешкијан: Ракетниот напад е одлучен одговор на израелската агресија

Пезешкијан: Ракетниот напад е одлучен одговор на израелската агресија

Техеран, 2 октомври 2024 (МИА) – Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан синоќа го поздрави „одлучниот“ одговор против агресијата на Израел, по ракетниот напад врз Тел Авив како одговор на убиството на водачите на Хамас и Хезболах.

- Во согласност со легитимните права и со цел да се воспостави мир и безбедност во Иран и во регионот, беше даден одлучен одговор на агресијата на ционистичкиот режим, напиша Пезешкијан на Х и повика да не се влегува во конфликт со Иран.

Иранските Чувари на револуцијата, идеолошката армија на Иран, соопшти дека ракетниот напад што Иран го изврши врз Израел е одговор на убиствата на лидерите на Хамас и Хезболах.

Според соопштението, Израел бил нападнат како одговор на убиството на Исмаил Хание и Хасан Насралах, како и на Абас Нилфорушан, помошникот лидер на Чуварите на револуцијата, кој беше убиен во нападот на лидерот на Хезболах, Насралах.

Ова беше втор напад на Иран врз Израел во последните шест месеци, по нападот во април кога Техеран тврдеше дека дејствува во „легитимна самоодбрана“ по нападот во кој беше уништен конзулатот на Иран во Дамаск и убиени седум воени функционери, а кој му се припишува на Израел.

Чуварите на револуцијата соопштија дека истрелале десетици балистички ракети и биле насочени кон важни безбедносни и воени цели во Израел, прецизирајќи дека тие биле насочени кон три воени бази околу Тел Авив за време на операцијата.

По тие напади, Иран го затвори аеродромот во Техеран за цивилната авијација.

Иран се закануваше дека ќе му врати на Израел по атентатот на лидерот на Хамас Исмаил Хание на крајот на јули во Техеран, што му се припишува на Израел.

Чуварите на револуцијата соопштија дека постапиле во согласност со Повелбата на ОН и по „период на воздржаност“ откако беше нарушен суверенитетот на Иран по атентатот на Хание во Техеран.

Водачот на Хезболах Хасан Насралах беше убиен во петокот во израелски напад врз јужните предградија на Бејрут, упориште на шиитското движење финансирано од Иран. Во тој напад беше убиен и иранскиот генерал Абас Нилфорушан. јт/

Остани поврзан