• петок, 05 декември 2025

Парламентот на Швајцарија одобри ублажување на ограничувањата за извоз на оружје

Парламентот на Швајцарија одобри ублажување на ограничувањата за извоз на оружје

Берн, 4 декември 2025 (МИА) – Парламентот на Швајцарија денеска изгласа намалување на ограничувањата за извоз на оружје, со цел да ја поддржи локалната индустрија за оружје без да се поткопа традиционалната неутралност на земјата.

Кантоналниот совет (Горниот дом на Швајцарското федерално собрание) ги поддржа измените во Законот за швајцарски воен материјал со 31 глас „за“ и 12 „против“, откако тие пред два дена беа одобрени од Националниот совет (Долниот дом).

На швајцарските компании сега ќе им биде дозволено да извезуваат оружје во 25 западни земји, а правилата што бараат согласност за повторен извоз на швајцарско оружје ќе бидат олеснети.

Швајцарија моментално не дозволува извоз на оружје ако земјата примател е вклучена во домашен или меѓународен конфликт или ако сериозно ги крши човековите права.

И покрај законските измени и понатаму е забранет директен извоз на оружје во Украина.

Законските измени уследија откако претставниците на индустријата за оружје и политичарите изразија загриженост за штетата врз швајцарскиот сектор за оружје, кој губи нарачки во странство поради ограничувањата. ми/мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан