• недела, 15 декември 2024

Париз, Лондон и Берлин го повикаа Техеран веднаш да ја прекине нуклеарната ескалација

Париз, Лондон и Берлин го повикаа Техеран веднаш да ја прекине нуклеарната ескалација

Париз, 10 декември 2024 (МИА) – Франција, Германија и Велика Британија денеска го повикаа Иран „веднаш да ја прекине нуклеарната ескалација“, изјавија портпаролите на министерствата за надворешни работи на трите земји, кои ги осудуваат мерките преземени од Техеран за остро зголемување на стапката на производство на високо збогатен ураниум.

- Акциите на Иран ќе ги зголемат резервите на високо збогатен ураниум, а тие немаат веродостојно цивилно оправдување. И тие се случуваат иако Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) немаше време да ги спроведе потребните дополнителни заштитни мерки, се наведува во заедничкото соопштение на трите земји.

Техеран го брани правото на нуклеарна енергија дека е за цивилни цели, особено енергетски, но негира дека сака да изгради атомска бомба, што предизвикува сомнеж кај западните земји.

Иран неодамна почна да полни нови центрифуги што ќе му овозможат „значително да ја зголеми“ својата стапка на производство на високо збогатен ураниум.

МААЕ го повика Иран „итно да обезбеди технички веродостојни“ гаранции дека објектот не се користи за „производство на ураниум на повисоко ниво на збогатување отколку што е пријавено“.

Иран во ноември најави пуштање во употреба на „нови напредни центрифуги“ како одговор на усвојувањето на критична резолуција во седиштето на МААЕ во Виена, со која се осудува недостигот на соработка за нуклеарните активности.

Во 2015 година, Иран склучи договор во Виена со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД за регулирање на неговата нуклеарна програма.

За возврат, текстот предвидуваше намалување на меѓународните санкции против Техеран.

Но во 2018 година, Доналд Трамп, тогашниот претседател на САД, еднострано ја повлече својата земја од договорот и повторно воведе тешки санкции кон Иран.

Како одговор, Техеран ги зголеми резервите на збогатен ураниум на 60 отсто, додека 90 отсто се потребни за производство на атомско оружје. јт/

Остани поврзан