Парада на гордоста на 24 јуни во Скопје
- Под мотото „Горди и гласни“ годинава Парадата на гордоста ќе се одржи на 24 јуни, најавија на прес-конференција претставници од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Скопје, 4 јуни 2023 (МИА) - Под мотото „Горди и гласни“ годинава Парадата на гордоста ќе се одржи на 24 јуни, најавија на прес-конференција претставници од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Почетната точка ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот ќе почне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратки поздравни говори, ќе почне протестниот марш по скопските улици според истата рута како и минатите години. Маршот ќе заврши со културно-музичката програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.
Напредокот на полето на правата на ЛГБТ+ луѓето не е изедначен, ниту пак е доволен, а постојано е соочен со напади од сили кои се противат на универзалните човекови права. Токму затоа, Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството, велат организаторите.
- Во ваква непријателска средина кога говорот на омраза и насилствата се во пораст, а хомофобијата и трансфобијата стануваат доминанта позиција на носителите на моќ, да се биде Горд и Гласен претставува отпор и протест против системот кој угнетува. ЛГБТИ заедницата минала низ многу тешки периоди, ќе минеме и низ овој само со исправена глава, горди и гласни во остварувањето на нашата визија за свет на еднаквост и просперитет“, истакна Ирена Цветковиќ.
Новините во програмата на Скопје Прајд ги соопшти Кочо Андоновски, кој истакна дека Парадата се отвора како платформа за многу други каузи.
- Се отвараме за други групи кои сакаат својата порака да ја пренесат на јавноста. Тие беа присутни и во изминатите години, но тоа не беше организирано и некако се губеа сите тие пораки и транспаренти, така што оваа година ги повикуваме сите оние кои имаат свои кампањи, различни активности и сакаат да бидат препознаени со своите пораки и свои обележја да ни се јават, рече Андоновски.
Скопје Прајд 2023, според организаторите, ќе понуди богата културно-забавна програма, со музички настапи во живо, настапи на дрег кралици од земјата и регионот и DJ-сетови. бак/
Фото: Скопје прајд