Панел дискусија „За посигурна иднина на животните: Законски промени сега“
- Панел дискусија „За посигурна иднина на животните: Законски промени сега“ ќе се одржи денеска во младинскиот центар „Матично“ при Општина Центар, во организација на Либералниот Институт Скопје.

Скопје, 11 април 2025 (МИА) - Панел дискусија „За посигурна иднина на животните: Законски промени сега“ ќе се одржи денеска во младинскиот центар „Матично“ при Општина Центар, во организација на Либералниот Институт Скопје.
Панел дискусијата, како што велат организаторите, доаѓа по сѐ позачестените случаи на злоупотреба и насилство кон животните, но и недоволната ангажираност и реакција на надлежните институции кои треба да ги штитат истите, независно дали се работи за домашни миленици или улични и напуштени животни.
Настанот има за цел да покрене јавна и институционална дебата за потребата од системски пристап кон заштитата на животните и потребата од носење на итни измени во постоечкото законодавство.
На трибината ќе учествуваат директорката на ЈП „Лајка“ Радмила Пешева, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП) Моника Зајкова и раководителот во Општина Гази Баба, Никола Јовановски, а дебатата ќе ја модерира новинарот Огнен Чанчаревиќ.
Учесниците ќе дискутираат за реалните предизвици со кои секојдневно се соочуваат локалните власти и граѓаните, како и за начините на кои може да се подобрат условите за живот на животните – напуштени и домашни.
Либералниот Институт информира дека панел-дискусијата е отворена за јавноста, љубителите на животни, активисти, институции, медиуми и за сите кои веруваат дека Македонија може да биде држава каде што животните се третираат со грижа и достоинство. дма/бак/
Фото: Скриншот