• петок, 27 декември 2024

Панел-дискусија: Потребен е поттик на младите со цел да создадат просперитетна држава

Панел-дискусија: Потребен е поттик на младите со цел да создадат просперитетна држава
Скопје, 24 септември 2021 (МИА) - Државата треба да имаат слух за младите ако сакаме да продолжиме да функционираме. Односно со нивните свежи, прогресивни и нови идеи, младите ќе придонесат кон утрешното функционирање на државата, изјави Јовица Јанковиќ, претставник од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), непосредно пред почетокот на денешната панел-дискусија организирана од Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија (ССРСМ) и ИДУЕП. Панел дискусијата на тема „Какви новини се потребни во средношколското организирање?“ е заедничка иницијатива на ССРСМ и ИДУЕП насловена „Лидер(ка) на училиште, лидер(ка) во иднината“ која има за цел да вклучи широк фронт на индивидуи и организации со цел дебата и заедничко изнаоѓање на најдобриот модел за реформа и подобрување на моменталниот начин на средношколско организирање во училиштата, како и на национално ниво. Панелисти на оваа дебата беа Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци, Ана Попризова, училиштен психолог во СУГС „Орце Николов“, Елена Данова, младинска работничка во Еквалис, Иван Јованов, извршен директор на LEAD и Јовица Јанковиќ, претставник на ИДУЕП. - ИДУЕП и ССРСМ го организираат овој настан да поттикнат дискусија и разговор за тоа дека утрешните лидери и лидерки се градат денес и моментално. Со тоа ние сакаме да ги поттикнеме младите и да им помогнеме за во иднина кога ќе бидат лидер/ки да создадат просперитетна држава во којашто сите ќе бидеме еднакви и младите ќе имаат вистински услови и притоа ќе живееме во едно еднакво општество кон кое ние целиме повеќе од три децении, додаде Јанковиќ. Лука Павиќевиќ истакна дека овој настан и целокупната иницијатива, во јавната дискусија ќе го воведат терминот „средношколско организирање“. Односно, повозрасните генерации кои поодамна посетувале средни училишта ќе знаат како биле организирани средношколците, колку добро функционирале класните заедници, колку биле активни претседателите на училиштата и ќе знаат како автентичниот глас на средношколците бил застапуван во едно друго време. - Се обидуваме после години и години апатија да го вратиме тој глас. Тоа што започна во 2017 година, со формирање на Сојузот на национално ниво сега го воведуваме и на најниските нивоа односно на ниво на клас и училиште, појасни Павиќевиќ. Како еден од проблемите тој го посочи начинот на избор на претседател на училиштето. Состојбата ја опиша како поразителна, бидејќи претседателот го избираат само претседатели на класови. - Од 1200 ученици во едно училиште, претседателот на сите ученици го избира само мала група од 30-тина луѓе. Тоа не е демократски и не е демократија. Допрва имаме проблеми каде што професорот или професорката ќе каже кој треба да биде претседател и тие самите го прават изборот, тврди Павиќевиќ. Тој додаде дека училиштата се нарекуваат фабрики за вистинскиот живот и оти треба да ги подготват учениците за нивниот живот по напуштање на училиштето. ки/сп/

Остани поврзан