• среда, 25 декември 2024

Пандемијата го зголеми бројот на социјални случаи во Струга

Пандемијата го зголеми бројот на социјални случаи во Струга
Струга, 19 март 2021 (МИА) - Бројот на социјални случаи во Струга и Струшко годинава е зголемен во однос на претходните, информира директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Струга, Мевмед Халили. Според него, благиот пораст на социјално загрозени семејства е резултат на пандемијата со Ковид-19, која ја зафати државата минатата година и сè уште е во тек. - Во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Струга регистрирани се 386 корисници на социјална помош, но бројката е варијабилна. Споредбено со минатите години, во 2020 и 2021 година имаме благ пораст, кој се должи пред сè на пандемијата Ковид-19, вели Халили. Во 2019 година, како што информира директорот, бројот на социјално загрозени домаќинства бил 356. Најчеста причина што доведува до социјален статус, според него, е економската состојба. - Немањето доволно работен ангажман е најчеста причина што ги доведува семејствата до социјален статус. Поголем број од корисниците се од руралните средини, но во последно време има тенденција за зголемување и во градот, истакна Халили. Во минатото најчесто социјално загрозени биле семејствата со низок степен на образование или необразовани, но со воведување на задолжителното средно образование, таквиот впечаток се променил. сс/сст/

Остани поврзан