• сабота, 23 ноември 2024

Пакомак: Северна Македонија рециклира само 19 отсто од стаклената амбалажа годишно

Пакомак: Северна Македонија рециклира само 19 отсто од стаклената амбалажа годишно
Скопје, 5 март 2021 (МИА) - Земјите на ЕУ рециклираат околу 70 отсто од стаклената амбалажа годишно, додека во Северна Македонија таа количина е само 19 отсто. Поголемиот дел од употребеното стакло во нашата земја завршува на депонии или диви депонии, а во вакви услови потребни се неколку илјади години за да се распадне. Овие податоци се дел од заклучоците од споведувањето на проектот „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан“, кој во нашата земја го спроведуваат Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), Заединицата на единици за локална самоуправа на Македонија (ЗЕЛС) и компанијата Пакомак. Од Пакомак соопштуваат дека поради недоволниот број контејнери за одложување на стаклена амбалажа, но и недостатокот на соодветни погони за рециклирање, на Западен Балкан стаклото се рециклира значително помалку отколку во земјите-членки на ЕУ. Од оваа компанија информираат дека целта на проектот е да се зголеми количината на собрана стаклена амбалажа во регионот за 20 отсто. - Земајќи предвид дека стаклото е единствениот материјал за пакување со 100 отсто ефикасност на рециклирање и може да се рециклира одново и одново, можеме слободно да му ја доделиме титулата - „суперѕвезда на индустријата за рециклирање“! Затоа, пред да поставиме празно стаклено шише или тегла од зимата во контејнер заедно со друг комунален отпад, треба да имаме предвид некои од следниве факти: со рециклирање на едно стаклено шише, заштедуваме доволно енергија за една сијалица од 100W да свети цели 4 часа, со рециклирање на едно стаклено шише, заштедувате доволно енергија за напојување на вашиот компјутер 25 минути, со рециклирање на еден тон стакло заштедувате 42Kwh електрична енергија, односно цели 19 литри нафта, со рециклирање на 1000 килограми стакло, емисијата на штетни гасови се намалува за 3 килограми во споредба со производството на ново стакло и со рециклирање на стакло можеме да заштедиме околу 40 отсто од енергијата и 50 отсто од водата потребна за производство на ново стакло и да го намалиме загадувањето на воздухот за 20 отсто и водата за 50 отсто, се наведува во соопштението. Од Пакомак најавуваат дека повеќе од илјада специјални контејнери за отстранување на стаклена амбалажа ќе бидат поставени во урбаните и руралните области во Скопје, потоа во општините Илинден, Штип, Гевгелија, Тетово и Битола, како и избрани градови и општини од Србија и Босна и Херцеговина.фф/скс/

Остани поврзан