• вторник, 24 декември 2024

Пакомак: Во просек, секој жител на нашата земја создава повеќе од два килограми отпад на ден

Пакомак: Во просек, секој жител на нашата земја создава повеќе од два килограми отпад на ден
Скопје, 11 мај 2022 (МИА) - Од „Пакомак“ соопштуваат дека рециклирањето е најчестиот начин на кој покажуваме грижа за околината, но за да го направите вашето домаќинство навистина одржливо, потребно е да почнете од првиот логичен чекор - намалување на отпадот кој го оставате зад себе. Посочуваат дека просек, секој жител на нашата земја создава повеќе од 2 килограми отпад на ден, а таа бројка се зголемува скоро секоја година. Како што посочуваат, целта на одржливиот начин на живот е да се создава помало количество отпад, што ќе придонесе за зачувување на суровинските извори и намалување на нивната потрошувачка, како и на потрошувачката на енергија потребна за да се произведат истите. - Погледнете околу себе и обидете се да ги забележите сите видови на отпад кои можете да ги „скратите“ со одговорна и паметна употреба на ресурсите. На пример, започнете со тоа што со себе секогаш ќе носите платнена торба кога одите во шопинг. На тој начин ќе ги намалите трошоците за купување најлонска ќеса, но и ќе го намалите бројот на ќеси кои беспотребно се „трупаат“ во некоја од фиоките во домот, велат од „Пакомак“. Еден од најдобрите начини да живеете одржливо, како што посочуваат, е да купувате производи чии амбалажи можете да ги употребите повторно, во друга намена. Стаклените шишиња од пиво, теглите и конзервите се добар пример за таквата ре-употреба. - Поради цврстиот материјал од кој се направени, откако ќе ги испразните можете да ги искористите како вазни за цвеќињата на терасата, па дури и да ги украсите заедно со вашето дете, со цел да ја поттикнете неговата креативност. Така, ќе поминете квалитетно време со семејството, притоа пренесувајќи ја пораката за одржливо домаќинство и на следната генерација. И потоа, во моментот кога ќе одлучите дека повеќе не ви се потребни, побарајте го најблискиот контејнер на Пакомак и фрлете ги во него, од каде отпадот ќе замине на рециклирање, велат од „Пакомак“. Според „Пакомак“, најчест и најзастапен отпад во домаќинството е хартијата: весници, каталози, списанија и картони. - Сите знаеме дека токму ваквиот отпад се задржува беспотребно во нашите домови, бидејќи релевантноста на весниците и магазините истекува за многу кратко време. За среќа, постојат мал милион начини на кои можете да ја употребите хартијата пред да ја претворите во отпад. Така, листовите од весници се одличен материјал за бришење прозори и чистење стаклени површини, во нив можете да ги завиткате кршливите предмети кои сакате да ги заштитите при транспорт или пак да ги постелете до влезната врата во дождливи денови за да го заштитите подот од оштетување. Ако имате купено нов тепих, кој не сакате да се оштети при лизгањето на подот, тогаш под него постелете стари весници, кои ќе ја заштитат долната страна од тепихот. Едноставно - бидете креативни!, велат од „Пакомак“. Оттаму посочуваат дека постојат безброј начини на кои можете да придонесете за креирање на одржливо домаќинство или одржлива животна средина, само треба да покажете волја за да го направите првиот чекор. - Со домашна реупотреба ќе му дадете нов живот на амбалажниот отпад, ќе ја намалите количината на ѓубре која ја исфрлате и ќе зачувате дел од суровинските извори. Одговорната употреба на ресурсите ќе ве направи посреќни и позадоволни, а вашето домаќинство ќе го претвори во ваш личен, самоодржлив храм на благосостојба. Ако секој поединец се приклучи кон заедничката цел, промената ќе почне да се забележува насекаде во општеството, потенцираат од „Пакомак“.фф/ац/

Остани поврзан