• сабота, 23 ноември 2024

Пакистанската армија повторно нападна индиски цели во Кашмир

Пакистанската армија повторно нападна индиски цели во Кашмир
Исламабад, 28 јули 2020 (МИА) - Пакистанската армија денеска повторно гранатираше индиски позиции во две области во Кашмир. Индиската артилерија возврати на нападот, но нема информации за евентуални жртви на двете страни. Осми ден по ред Пакистан го крши примирјето во Кашмир. Во изминатите две недели регистрирани се над 20 слуачи на кршење на примирјето. Индија и Пакистан контролираат дел од хималајската територија Кашмир, а двете полагаат право на цела територија. Њу Делхи и Исламабад се во тензични односи откако се стекнаа со независност во 1947 година. Кризата во Кашмир датира уште од 1947 година кога Велика Британија го напушти тоа подрачје без да го реши статусот на регионот. Муслиманите сочинуваат 90 отсто од популацијата на Кашмир, а по повлекувањето на Британците побараа тој регион да се припои на Пакистан. Тогашниот гувернер сепак одлучи Кашмир да го припои кон Индија. Пакистан и Индија во 1947 година ја водеа првата војна за Кашмир, а потоа војуваа повторно во 1965 и 1999 година. Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 отсто, додека Кина 20 отсто. Индискиот дел е наречен Џаму и Кашмир. Индиските власти на 5 август 2019 година го укинаа специјалниот статус на регионот Џаму и Кашмир. Специјалниот статус го вклучуваше и законот за државјанство, според кој на странските државјани им е забрането населување и стекнување имот во таа област. Со одлуката за укинување на специјалниот статус, што стапи во сила на 31 октомври 2019 година, регионот е поделен на две територии, Џаму и Кашмир на запад и Ладах на исток. ми/

Остани поврзан