• сабота, 23 ноември 2024

Павлова за МИА: Пристапот до финансии останува еден од најголемите проблеми за малите и средните претпријатија

Павлова за МИА: Пристапот до финансии останува еден од најголемите проблеми за малите и средните претпријатија
Скопје, 11 септември 2021 (МИА) - Исплатата на првата транша од средствата на новата кредитна линија на Европската инвестициска банка (ЕИБ) се очекува во следните недели. Средствата ќе бидат наменети за малите и средните претпријатија под поволни услови, со ниски каматни стапки и продолжени рокови на доспевање, открива во интервју за МИА потпретседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова. Во интервјуто што ќе биде објавено утре, а кое Павлова го даде по нејзиниот престој во Скопје, вели дека пристапот до финансии останува еден од најголемите проблеми кај малите и средните претпријатија. - Пристапот до финансии останува еден од најголемите проблеми меѓу малите и средни претпријарија, бидејќи тие ги гледаат високите каматни стапки како најголемата пречка кога аплицираат за кредит, како што се гледа од нашата најнова Анкета за претпријатија. Затоа, новото финансирање на ЕИБ во вкупен износ од 100 милиони евра ќе биде достапно под многу поволни и флексибилни услови, со ниски каматни стапки и продолжени рокови на доспевање, за покривање на широк спектар на компании од разни индустрии коишто се најтешко погодени, истакнува Павлова. Антикризните мерки за поддршка на стопанството и граѓаните што ги воведе Владата, според Павлова, помогнале да се ублажат последиците од пандемијата предизвикана од Ковид-19, но пандемијата значително го успорила економскиот напредок на Северна Македонија кој почнал да покажува нагорни тенденции во многу области. - Земјата направи значителен напредок во економските реформи и е една од најинтегрираните во глобалниот вредносен синџир низ земјите на ЕУ. Тоа го покажа нејзиниот силен капацитет за иновации, а овие области треба да се зајакнуваат и понатаму, порачува Павлова. Она кон што треба да се насочи економијата, според Павлова, се дигитализацијата и трансформацијата кон зелен, одржлив модел применлив во сите сектори - транспортот, енергијата, индустријата, земјоделството.... - Подготвени сме да обезбедиме финансиска и техничка советодавна поддршка за овие цели, порачува Павлова во интервјуто за МИА. бак/сп/

Остани поврзан