• среда, 20 ноември 2024

ОЈО Скопје: Се утврдуваат причините за вчерашната тешка сообраќајка на автопатот Скопје-Велес

ОЈО Скопје: Се утврдуваат причините за вчерашната тешка сообраќајка на автопатот Скопје-Велес

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје информира дека интензивно презема дејствија за утврдување на причините за вчерашната тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Велес.

- Во текот на ноќта издадени се повеќе наредби за вештачење на траги пронајдени на местото и за обдукција на починатите. Комбето е подигнато од местото на несреќата и ќе се врши и вештачење со цел да се испитаат сите околности кои довеле до настанот, се вели во соопштението.

Во сообраќајката што се случи вчера попладне на автопатот Скопје - Велес, три лица загинаа, а пет беа повредени. Несреќата, како што соопшти МВР, е пријавена во 17:45 часот, а до неа дошло откако на автопатот Скопје - Велес, пред тунелот, се превртело комбе.

- Во СВР Скопје било пријавено дека синоќа  во 17.35 часот на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово, патничко возило „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, управувано од О.Д.(32) од Велес, излетало од патот и се превртело. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Додека, со тешки телесни повреди се здобил возачот О.Д.  и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41), сите од Велес, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје и Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, соопшти МВР.

Поради сообраќајката вчера попладне беа блокирани двете сообраќајни ленти на автопатот Скопје - Велес. Сообраќајот беше во прекин од 17:45 часот и се пренасочуваше преку Петровец - Велес (по стариот пат), Миладиновци - Св.Николе - Велес - Штип. мд/са/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан