• вторник, 24 декември 2024

ОФМ ќе биде коорганизатор на Европско првенство 2023

ОФМ ќе биде коорганизатор на Европско првенство 2023
Скопје, 23 април 2021 (МИА) - Македонската одбојкарска федерација ја доби организацијата на една од групите на машкото сениорско Европско првенство во 2023 година. Ова значи дека македонските одбојкари третпат по ред ќе учествуваат на континенталните самити. Добрата вест за одлуката на ЦЕВ да ја прифати апликацијата на ОФМ, на премиерот Зоран Заев и на челниците на македонската одбојка лично им ја соопшти првиот човек на Европската одбојкарска конфедерација Александар Боричиќ. На денешниот состанок во нашата Влада, претседателот на ЦЕВ го истакна постојаниот ангажман на ОФМ во организација на меѓународни настани, како и резултатите на одбојкарскиот терен во последно време. - Сега кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Европската сребрена лига 2021, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022, како и на една група од сениорското машко Европско првенство во 2023, можам да кажам дека Одбојкарската федерација на Северна Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа, рече Боричиќ. По двете победи на премиерниот настап на големите турнири, меѓу кои и онаа над континенталниот вицепрвак од 2019 – Словенија, како и пласманот на претстојното Европско првенство во септември годинава, доделената организација на една од групите на Европскиот шампионат во 2023 ќе му овозможи на македонскиот национален состав повторно да биде во елитното друштво. - Се радувам за ваквата чест добиена од ЦЕВ. Ја изразувам силната поддршка за одбојкарскиот спорт којшто во последните неколку години забележува одлични резултати на меѓународен план. За мене задоволството е уште поголемо затоа што голем дел од одбојкарските репрезентативци се од мојот град Струмица, рече македонскиот премиер Заев. зс/  

Остани поврзан