Откупот на тутунот почна воздржано и со барање повисоки цени
- Откупот на тутунот од годинашнава реколта почна воздржано. Од 305 откупни ваги, во моментов се отворени 19 ваги на две компании, на „Сокотаб“ и на компанијата „Кавекс“. Од утре пунктовите ќе ги отвори фирмата „Пашоски“, а сѐ уште не се знае кога ќе почнат да откупуваат уште седум компании меѓу кои и прилепскиот Тутунски комбинат зошто отворањето на пунктовите, поради поверениците мора пет дена порано да го најават кај Сојузот на тутунските здруженија.
Прилеп, 19 ноември 2024 (МИА) - Откупот на тутунот од годинашнава реколта почна воздржано. Од 305 откупни ваги, во моментов се отворени 19 ваги на две компании, на „Сокотаб“ и на компанијата „Кавекс“. Од утре пунктовите ќе ги отвори фирмата „Пашоски“, а сѐ уште не се знае кога ќе почнат да откупуваат уште седум компании меѓу кои и прилепскиот Тутунски комбинат зошто отворањето на пунктовите, поради поверениците мора пет дена порано да го најават кај Сојузот на тутунските здруженија.
И со отворени 19 откупни ваги, од кои по две во Прилеп и Битола, па во Пелагонискиот и во источниот регион, тутунарите се воздржани да го носат родот, очекувајќи каква цена ќе биде постигната. Според последните информации, во Прилеп се презеле 150-тина килограми во прва класа по 375 денари за килограм. Од Сојузот на тутунските здруженија најавуваат дека ќе бараат цените да не бидат пониски од 420 денари што би било колку-толку исплатливо за производителите.
-Според нашите сознанија во источниот дел од земјава и во Пелагонискиот регион има однесено тутун за откуп и тие количества се проценети во прва класа која е 375 денари, со напомена дека откупувачите во моментов не го откупуваат влажниот и сувиот тутун. Но, се цени само на две ваги, веројатно откупувачите тактизираат, тутунарите не носат, сакаат да видат по која цена се откупува родот. Имаме разговарано со откупувачите за да не откупуваат по пониска цена. Ние инсистираме просечната цена да достигне 420 денари за килограм, и како лани, ќе бараме да биде како анекс во договорите, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Годинава, 10-те откупувачи имаат склучено договори за околу 26 000 тони тутун, а според Сојузот, реално реколтата е околу 17 000 тони.
-Тутунот е со висок квалитет и реално е тутунарите да бараат повисоки цени за да биде исплатливо производството и да се задржат помладите генерации да ја работат оваа индустриско-земјоделска култура која на државата ѝ обезбедува девизен прилив, вели Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од Долненско и член на Сојузот на тутунските здруженија.
Десетте лиценцирани компании откупот на тутунот мора да го почнат најдоцна до 15 декември. ем/мд/
Фото: МИА