• петок, 24 јануари 2025

Приведени четири лица осомничени за терористичка организација, имале намера да извршат терористички акти на јавни објекти

Приведени четири лица осомничени за терористичка организација, имале намера да извршат терористички акти на јавни објекти

Скопје, 24 јануари 2025 (МИА) - Приведени се четири лица, пронајдени и одземени се автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети што ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења, во извршени претреси на дом и други простории, на пет  локации во Скопје и Гостивар, соопштија денеска од Јавното обвинителство на РСМ. 

Во текот на вчерашниот ден под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спроведена е координирана акција на Агенцијата за национална безбедност и одделите за сузбивање на организиран и сериозен криминал и за специјални полициски операции при МВР, во рамки на континуираните активности што започнале во декември минатата година, а поврзани со превенција и сузбивање на заканите од тероризам. 

- Акцијата е резултат на преземените дејствија на Лабораторијата за дигитална форензика при Основното јавно обвинителсво за гонење на организиран криминал и корупција, каде се откриени повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм во кои осомничените споделувале претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирале нови членови. Постапувајќи по кривичната пријава надлежниот обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против овие лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичка организација“, соопштијаденеска од ЈО.

Ценејќи дека се исполнети законските услови, предметниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднел предлози за определување на мерка притвор спрема сите осомничени. Судијата го прифати предлогот и на осомничените им определи мерка притвор во траење од 30 дена.​

Од МВР информираа дека за првопријавениот постојат основи на сомневања дека создал терористичка ќелија во која што со активно учество делувале останатите три кривично пријавени лица.

- Намерата на членовите на терористичката ќелија била извршување на терористички акт на цивилни или така наречени меки цели односно јавни објекти на територија на Република Северна Македонија со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните. Ќелијата делувала од позиција на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС и за остварување на намерата прво пријавениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, во кои што споделувал претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе ги искористат за извршување на терористички напади, појаснуваат од МВР.

Останатите членови биле дел од телеграм групите, каде што се споделувале преведени материјали кои претходно биле преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС.цр/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан