• среда, 25 декември 2024

Отворен Фестивалот на грчки филм

Отворен Фестивалот на грчки филм

Скопје, 8 април 2024 (МИА) - Во присуство на актери, режисери, дипломати, претставници на политичкиот и културниот живот во земјава, синоќа во Кинотека бил отворен четвртиот Фестивал на грчки филм, што ќе трае до 10 април. 

Фестивалот го организираат Амбасадата на Грција и Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ со поддршка од спонзори.

Како што информира „Киненова“, присутните ги поздравил Клери Коцидас, шеф на Канцеларијата за јавна дипломатија во Амбасадата на Грција.

-Фестивалот почна да се одржува по четврти пат на секои две години во Скопје, а годинава првпат ќе се одржи и во Битола во Киното Манаки. Вечерва ќе гледате два филма од грчки автори и ви посакувам да уживате, нагласил Коцидас.

На присутните им се обратил и директорот на Фестивалот „Киненова“ Небојша Јовановиќ, кој изрази благодарност до Амбасадата на Грција и до амбасадорката на Грција Софија Филипиду за помошта за создавањето на овој фестивал.

- Ние можеби нема да го промениме целиот свет, можеби нема да ги избришеме границите, но сигурно ќе создадеме нови гранични премини и нови мостови преку програмата на фестивалот, бидејќи културата ја има таа моќ, а филмот особено, преку длабоката и широка комуникација на животните теми кои директно произлегуваат од актуелното грчко општество, потенцирал Јовановиќ.

Според програмата, вечерва на Фестивалот е филмот „Невидлив“ на Димитри Атанитис, која ја раскажува приказната за Арис, кој ненадејно е отпуштен од фабриката во која работи. Авторот и режисер Димитри Атанитис е член на Европската филмска академија, со реализирани 11 играни филмови со референци и 60 награди за неговата работа ширум светот. Во неговиот филм „Невидлив“ (2016), кој освои 17 награди на меѓународни филмски фестивали, Атанитис усвојува иновативен пристап кон филмската форма и нарација.

На програмата е краткиот филм „Бјути“ на Танос Либеропулос, кој ќе биде прикажан пред долгометражниот филм. „Бјути“ говори за Кали, невработена млада жена која живее со нејзината мајка која постојано ја контролира, бара излез низ блескавиот, но суров универзум на YouTube beauté.

Влезот за посетителите е  бесплатен. мд/цр

 Фото: Фестивал „Киненова“

 

 

 

Остани поврзан