• среда, 25 декември 2024

Отворено 14-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“

Отворено 14-то издание на Интернационалниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“
Крива Паланка, 26 октомври 2022,( МИА) - Од денеска до шести ноември во Крива Паланка ќе се одржи годинашното издание на Интернационалниот театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, на кој за љубителите на театарската уметност се предвидени повеќе претстави, стенд ап шоу и алтернативни содржини.
Фестивалот официјално беше отворен со прогласување на лауреатот за ова, 14-то издание, актерот Драган Спасов-Дац.
- Секоја нова роља ја носи одлично, како руба што совршено му прилега, од: "Грев или шприцер", преку "Ало, будење", "Лет во место", "Чернодрински се враќа дома", до сите телевизиски улоги, во многу ТВ серии, мелодрами, па сѐ до "Моцарт". Едноставно, Дац е поет на сцената, а тоа го можат само големите актерски мајстори бидејќи на сцената,дури и тагата тој ја игра со ведрина. Луѓето со знајба ,како Драган Спасов -Дац, секогаш одат пред времето, затоа јас му ја честитам наградата со која денес го овенчуваме на фестивалот и посакувам ореолот на светителот Осоговски чиешто име го носи фестивалот, да му донесе уште многу успешни улоги и успеси во иднина, порача Гоце Ристовски,театролог, театарски критичар и публицист, уметнички директор на фестивалот "св.Јоаким Осоговски".
За Дац говореше и актерот Благоја Чоревски,кој исто така е носител на признанието лауреат на овој фестивал.
- Дац го знам од дете, откога татко му, мојот колега,Стево Спасов го носеше во театарот, го знам од многу улоги што заеднички сме ги глумеле, сум му бил и татко,и дедо, па дури и градоначалник, во "Ревизор". Една голема работа што сум ја направил со големо задоволство за него е и неговото вработување во Драмски театар, така што тој ми е и како дете, и во срцето. Ја честитам наградата што сум сигурен ќе му донесе многу убави моменти во иднина, зашто откако јас ја добив,добив и многу други признанија, рече Чоревски.
Наградата лауреат на Драган Спасов -Дац му ја врачи градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој порача дека на драго срце ја доделува наградата на Дац, кој низ годините наназад е наш драг гостин во Крива Паланка.
- Заедно реализиравме повеќе проекти, меѓу кои и заедничката песна со Александар Митевски и "Распеани паланчани"од староградското Кривопаланечко културно наследство, "Блазе тебе мајол моме" и во оваа прилика сакам да се заблагодарам за прекрасниот запис на оваа композиција која повторно заживеа.Сигурен сум дека оваа одлична соработка и дружба ќе продолжат и во иднина, дека пред нас се уште многу други заеднички успешни проекти за кои ќе се говори надалеку. Ја честитам наградата за целокупното творештво и придонесот во театарската уметност во државата, порача Митовски.
Дац рече дека наградата му е особено драга, бидејќи иако добивал многу награди за посебни улоги досега,оваа е посветена на сите негови актерски остварувања.
- Посебно се радувам и сум емотивен за оваа награда за сите мои улоги и бидејќи доаѓа од паланчани,кои ги запознав низ соработката што ја имаме и знам какво добро срце имаат. Посакувам оваа среќа да трае долго, рече Дац.
Фестивалот официјално започна, програмата продолжува утревечер,во 19 часот,со "Гигафест", во следните два дена,по што следуваат претставите закажани од 30 октомври до 6 ноември, а ќе се одржат на сцената во Националната установа Центар за култура Крива Паланка.ид//свс

Остани поврзан