• петок, 08 ноември 2024

Отворена малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“

Отворена малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“
Дебар, 4 септември 2022 (МИА) - Во чест на најпознатиот македонски зограф, Дичо Зограф и воедно зачетокот на таканаречената македонска ренесанса во уметноста, во неговото родно Тресонче, отворена е третата по ред, веќе традиционална, малореканска летна школа „По патеките на Дичо Зограф“. Ораганизаторот на овој настан и научен раководител Сашо Цветковски од институтот „Цветан Грозданов“ при МАНУ ја истакна важноста на школата за зачувување на творештвото на Дичо и други истакнати Мијаци како и целокупната културна историја во овој дел на Македонија.                       Воедно, организаторот претстави и макета на монументалната плоча на која се претставени мотиви од ентериер на тресонечка куќа заедно со сликар што го симболизира Дичо Зограф. Плочата кога ќе биде изработена во планираната димензија, ќе биде поставена во паркот во црквата „Св.Апостол Петар и Павле“. На отворањето поздравен збор имаше градоначалникот на општината Маврово и Ростуше Медат Куртовски, кој ги истакна придобивките од ваков културен настан и воедно се осврна кон историјата и значајноста на Дичо Зограф кој преку Македонија со својата уметност, како што рече го освоил и поширокиот регион.                 Во црквата  беше отслужена и трисагија за покој на душата на великанот Димитар – Дичо Крстев и дрги упокоени што ја оддржа јеромонах Анатолиј од Бигорскиот манастир. Во рамки на школата се предвидени повеќе научни истражувања и дебати кои ќе продолжат во наредните денови во селоТресонче, околниот регион и во Бигорскиот манастир. Едукативните и научно-истражувачките активности на школата ќе ги следат повеќемина учесници, кустоси и научни соработници од музеите и научните институции во Македонија, како и студенти од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Малореканската летна школа е под покровителство на Бигорскиот манастир, здружението на граѓани „Брезовец“ – Тресонче, општина Маврово и Ростуше, како и истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при Македонската академија за науки и уметности (МАНУ). Со своите активности оваа школа има голем придонес во афирмацијата на Дичо Зограф, но и на македонските зографи од 19 век, а од досегашните активности произлегоа неколку научни трудови во кои се третираат дела на малку познати македонски зографи, со тенденција да се создаде база за посериoзни истражувања на македонската уметноста и преродбата во 19 век. вт/ ев/

Остани поврзан