• среда, 27 ноември 2024

Отворена изложбата „Помеѓу виртуелноста на конкретноста“ на Билјана Билбилоска и Жоао Серано

Отворена изложбата  „Помеѓу виртуелноста на конкретноста“  на Билјана Билбилоска и Жоао Серано

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) - Заедничката изложба на слики на Билјана Билбилоска и Жоао Серано насловена „Помеѓу виртуелноста на конкретноста“ се отвори вчеравечер во новиот салон на галеријата „КО-РА“ – сутерен.

Жоао Серано од Португалија со оваа изложба за првпат се претставува во рамките на иницијативата за заеднички изложби на наши автори со уметници од другите земји од Европската Унија и пошироко. 

Изложбата е дел од  богатата културна понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата 2028, поддржана е од Град Скопје и од ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ во рамките на годишната програма од областа на визуелните уметности, дизајнот и архитектурата и претставува збогатување на културната понуда за граѓаните и за сите посетители.

На оваа заедничка изложба авторите се претставуваат со дваесетина дела изработени во комбинирани техники и во техниката дигитален цртеж и дигитален принт. 

 - Со овој избор на дела од своите тематски циклуси посветени на истражувањата на можностите на современата дигитализирана визуелизација со оваа заедничка изложба во новиот салон во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, двајцата уметници создадоа провокативна изразна синтеза на разнородни соодноси кои звучат моќно, впечатливо и компактно во својата богато структурирана ликовна лексика и меѓусебен дијалог, создавајќи релација и синопсис помеѓу поетиката на многуслојните пасажи во премрежјето на монохромното кај Билбилоска и звучната колоритна полихромија, особено впечатлива во делата на Серано каде е импресивна звучноста на  колоратурниот изблик на импулсивните вектори или многуслојноста на фасетираните структури, истакна историчарката на уметноста и стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ - Скопје, Виолета Калиќ.

Таа нагласи дека и двајцата автори со овој избор на дела како да се надополнуваат и поигруваат во својот меѓусебен дијалог создавајќи една кохерентна и компактна целина на разнородни соодноси  во својата виртуелна игра на симболи, форми и знаци, кои непретенциозно се надополнуваат во својата артикулирана реторика и остварениот меѓусебен дијалог.

Билјана Билбилоска дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Реализирала осум самостојни изложби во Северна Македонија, Србија и Хрватска, и учествувала на голем број групни изложби меѓу кои се и изложбите од  меѓународен карактер во земјава и во странство. 

Жоао Серано е визуелен уметник од Торес Верде, Португалија. Од 1973 година тој студирал на Академијата „Герит Ритвелд“ во Амстердам сликарство, графички уметности, дизајн на текстил и типографија кај Александар Мец, Вим Брус, Херман Гордијн и Чарлс Јонгејанс, меѓу другите. Во 1975 година го основал своето прво студио во холандското село Хемскерк и се приклучил на Групата на визуелни уметници Ateliers Mariaschool. Во 1980 година се населува во Амстердам, каде што развива повеќе активности во областа на моделирањето и аудиовизуелните уметности, во контекст на таканаречената Амстердам група, составена од различни уметници кои зборуваат португалски, а кои живеат во Холандија. Меѓу 1979 и 1990 година, тој е постојан член и спонзориран уметник на BBK (холандско здружение на уметници) и на Kunstenbond FNV (Уметничка лига на Холандската федерација на синдикати), откако доби неколку грантови и поддршка, имено од Prins Bernardfonds, холандското Министерство за култура и Фондацијата „Калуст Гулбенкијан“. Самостојно изложувал во Португалија, Холандија, Норвешка, Германија, а со групни изложби се претставувал во Европа, САД и во Австралија. сан/са/

 

Фото: Жоао Серано, Фејсбук профил

Остани поврзан