• четврток, 26 декември 2024

Останатите финансиски институции со квартален раст од 677 милиони денари

Останатите финансиски институции со квартален раст од 677 милиони денари
Скопје, 31 август 2022 (МИА) - Вкупните средства на останатите финансиски институции (ОФИ), во вториот квартал годинава изнесуваат 169.538 милиони денари, што претставува квартален раст од 677 милиони денари. Во останатите финансиски институции се вклучени: инвестициските фондови, пензиските фондови, осигурителните друштва, друштвата за управување со инвестициските фондови и друштвата за управување со пензиските фондови, финансиските друштва и друштвата даватели на финансиски лизинг Во рамки на структурата на средствата на ОФИ, најголемо учество и понатаму имаат пензиските фондови со 64,9 проценти, а по нив следуваат осигурителните друштва, со учество од 18,6 проценти. Најголемиот дел од средствата на ОФИ се однесуваат на вложувања во должнички хартии од вредност (учество од 50,7 проценти), како и вложувања во сопственички хартии од вредност и пласмани во валути и депозити (учество од 24,3 проценти и 10,2 проценти, соодветно). На страна на обврските, најголемиот дел им припаѓа на техничките резерви на осигурување и капиталните сметки (учество од 57,7 проценти и 32,9 проценти, соодветно). Народната банка информира дека анализирано по инструменти, на страната на средствата, кварталниот раст во најголем дел произлегува од повисоките вложувања во должнички хартии од вредност. Вложувањата во должнички хартии од вредност се и главниот носител на годишниот раст во услови на раст, но помал и кај сопственичките хартии од вредност. На страната на обврските, растот на квартална основа се објаснува со зголемувањето на техничките резерви на осигурување, во услови на пад кај капиталните сметки.  Годишниот раст во најголем дел се должи на повисоките технички резерви на осигурување, при позитивен придонес и на останатите категории. Во вториот квартал на 2022 година, вкупните средства на пензиските фондови (задолжителни и доброволни), се намалија за 0,2 проценти на квартално ниво, главно поради намалените вложувања во сопственички хартии од вредност, а во помал дел и на валутите и депозитите, во услови на остварен раст на вложувањата во должнички хартии од вредност.  Средствата на пензиските фондови растат со стапка од 10,7 проценти на годишна основа, во најголем дел како одраз на повисоките вложувања во должнички хартии од вредност, при помал позитивен придонес и на сопственичките хартии од вредност, а во услови на забележан пад на валутите и депозитите.  На страната на обврските, падот на квартално ниво е резултат на намалените капитални сметки, во одреден дел неутрализиран од растот кај техничките резерви на осигурување, додека годишната промена се должи на зголемувањето на техничките резерви на осигурување и капиталните сметки. Кварталната стапка на раст на вкупните средства на осигурителните друштва изнесува 3,6 проценти, во најголем дел под влијание на останатите побарувања, а дополнителен позитивен придонес имаат и техничките резерви на осигурување, како и инвестирањата во должнички државни хартии од вредност. На годишно ниво, растот од 9,2 проценти главно е поттикнат од инвестирањата во должнички државни хартии од вредност, а во позитивна насока влијаеја и останатите побарувања, техничките резерви, валутите и депозитите и сопственичките хартии од вредност. На страната на обврските, главен носител на кварталниот раст се техничките резерви на осигурување и останатите обврски, коишто во најголем дел го објаснуваат и годишниот раст, при дополнително позитивно влијание и на капиталните сметки. Кај вкупните средства на инвестициските фондови, во овој квартал е остварен квартален пад од 9,1 процент, кој пред сè произлегува од намалувањето на валутите и депозитите, а во помал дел и од вложувањата во сопственички хартии од вредност. Сепак, на годишно ниво, средствата на инвестициските фондови се зголемија за 5,8 проценти, во целост како резултат на зголемените вложувања во сопственички хартии од вредност (на нерезиденти), во услови на пад кај останатите инструменти, најмногу кај валутите и депозитите. На страна на обврските, намалувањето кај капиталните сметки е главниот фактор за кварталниот пад на вкупните средства на инвестициските фондови, додека на годишна основа капиталните сметки бележат раст. Позначајните движења кај ОФИ се достапни на следната врска: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/OFI/2022/Soopstenie_za_pecat_OFI_Q2_2022_mk.pdf лв/са/

Остани поврзан