• сабота, 23 ноември 2024

Османи ќе и предложи на Владата Законот за здруженија и фондации да го испрати во Венецијанската комисија

Османи ќе и предложи на Владата Законот за здруженија и фондации да го испрати во Венецијанската комисија
Софија, 8 ноември 2022 (МИА) - Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска во Софија изјави дека ќе и препорача на Владата да го испрати неодамна усвоениот Закон за  здруженија и фондации во Венецијанската комисија, со цел таа да утврди дали навистина во него има нешто спорно, како што тврди Софија.
 
Османи ова го посочи денеска во Софија на заедничката прес-конференција со бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, одговарајќи на новинарско прашање. Тој нагласи дека во Собранието минатата недела беше донесен Законот, чија цел била да се одговори во моментот, да се спречи евентуално саботирање на заедниците од страна на други чинители.
 
-Поради тоа што се оспорени одредени прашања во самиот Закон, јас ќе предложам, Владата да го прати во Венецијанската комисија, за таа да каже точно дали има нешто спорно во тој закон, нагласи Османи.
 
Шефот на дипломатијата потенцира дека институциите и министерствата за надворешни работи треба да ја предводат соработката меѓу двете земји и оти не смее да се дозволи некој друг да ја води надворешната политика и во неа да наложува друг дневен ред.
 
Додаде дека културно-информативните центри во Скопје и Софија се вистинскиот начин на културна и општествена промоција, начинот на кој двете држави треба да комуницираат, да разменуваат култура и тоа да се прави во духот на добрососедството и пријателството.
 
-Ова особено го сметам за важно, бидејќи изминатиот период се злоупотребуваат теми
преку манипулации на чувстувата на граѓаните, се креираат непријатни настани,а крајната цел е да се киднапираат активностите на двете земји за унапредување на добрососедските односи. Тоа не е интерес ниту на Северна Македонија, ниту на Република Бугарија. Сакам да верувам дека заедно со Милков ќе сториме се за да не дозволиме други да ни ја водат надворешната политика, други да ни ги кројат
билатералните односи, туку ние двајца, со дипломатите од министерствата да ја градиме европска иднина за сите наши граѓани, нагласи Османи и додаде дека двете држави се актуелни сојуници во НАТО, идни партнери во ЕУ и добри соседи.
 
На прашањето дали ќе биде отворен македонски културен клуб во Благоевград, Османи повтори дека институциите и министерствата за надворешни работи треба да ја навигираат билатералната соработка и дека културно-информативните центри во Скопје и Софија се начините на кои треба да се зајакнува соработката меѓу двете земји. Тој додаде дека сепак граѓаните имаат право на здружување по секоја основа, но тоа мора да биде во духот на пријателството, соработката и добрососедството.
 
На прашањето за идентитетот, Османи рече дека тоа е најчувствителната тема во Северна Македонија.
 
-Тоа е чувството дека некој ја предизвикува посебноста, идентитетот, го предизвикува јазикот. Доколку успееме ова да го тргнеме од дискурсот со Бугарија, а не можете на негирате дека не доаѓаат такви пораки од различни чинители од Република Бугарија и по однос на територијални претензии, на кои ние реагираме и во однос на идентитетот. Доколку успееме ова да го тргнеме на страна граѓаните во Северна Македонија, Македонците да почувствуваат пријателство и топлина од страна на Република Бугарија во однос на овие прашања верувајте дека ќе се отворат сите можности, целиот можен простор за соработка, за развој на работата на Историската комисија, во однос на имплементација на Договорот за соработка, рече Османи. ац/нд/
 
 
видео: ФБ линк на БНТ

Остани поврзан