• вторник, 24 декември 2024

Османи: Македонскиот јазик станува еден од 25-те јазици на ЕУ

Османи: Македонскиот јазик станува еден од 25-те јазици на ЕУ
Скопје, 24 јуни 2022 (МИА) - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вели дека според актуелниот предлог, македонскиот јазик е еден од 25-те јазици на ЕУ и како таков станува дел од преговарачката рамка. Во гостување во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат, Османи вечерва рече дека тоа е една од најголемите победи за македонскиот народ и за државата. -Според она што сега го има како предлог, македонскиот јазик останува еден од 25-те јазици на ЕУ без никакви квалификативи, додавки и толкувања. Ние нема дозволиме и нема основ Бугарија тоа да го оспори бидејќи станува дел од преговарачката рамка, а преговарачката рамка е основниот документ што го дефинира процесот, а потоа е основа за потпишување на договорот за членство, рече Османи и дополни дека затоа целиот процес бил блокиран односно тоа што ќе го има сега во рамката го утврдува патот за понатаму. Тој повтори дека на протоколот не му е место во преговарачката рамка и оти се чека да се финализира па потоа да го презентира во јавноста. Се надева оти корекциите што во последен момент ги усвои бугарскиот Парламент во одлуката за прифаќање на францускиот предлог „даваат основа за да има разбирање за нашите позиции во процесот“. -Секако дека и бугарските позиции се земени предвид во дефинирање на овој пакет, бидејќи за да даде согласност Бугарија сакаше да ги види и своите позици, рече Османи. Прашан кога се очекува финален француски предлог, посочи на тоа дека француското претседателство истекува за неколку дена и оти Владата е отворена да ја разгледа таа верзија доколку пристигне. -Француското претседателство е до 30 јуни, тоа значи дека во наредните денови, доколку тие се решат за нов предлог, согласно овие ставови на двете страни кои беа и јавно објавени, ние сме отворени да го процениме. Доколку добиеме предлог, ќе бидат консултирани институциите и ќе донесеме решение. Апсолутно нема да се водиме од хибридни напади, од разочарани политичари кои сметаат дека можат да вратат кариера на бранот на јавното расположение. Ние сме избрани да водиме и ќе водиме доколку сме убедени дека тоа е политика која води напред за граѓаните и државата, наведе Османи.лв/ки/

Остани поврзан