• понеделник, 23 декември 2024

Органите на државната управа со помала транспарентност во однос на Владата и министерствата

Органите на државната управа со помала транспарентност во однос на Владата и министерствата
Скопје, 13 септември 2022 (МИА) – Отвореноста на институциите зависи од хиерархијата, односно извршните органи имаат најнизок резултат во однос на пристапноста, ефикасноста и транспарентноста во споредба со министерствата и Владата. Ова го покажува проценката на состојбата на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија за 2022 година. Проценката на состојбата е извршена во периодот од јануари до март оваа година и опфаќа 51 институција, Владата, Генералниот секретаријат, 16 министерства и 33 случајно одбрани органи во состав на министерствата и Собранието. -Извршните органи односно органите на државната управа, за жал, како кај нас, така и во регионот, се под просекот, односно под половина од можните 100 проценти на исполнувањето на индексот. Нашите органи анализирани се со 41,54 проценти на исполнување и ова, за жал, не е добар резултат, рече Мила Јосифовска Даниловска од тимот на „Метаморфозис“. На денешната презентација беше истакнато дека вкупниот резултат на извршната власт, вклучувајќи ги Владата, министерствата и извршните органи, достигнува 60,93 проценти со највисока оценка за индикаторите за транспарентност од 55, 65 проценти и најниска оценка за пристапност од 51,09 проценти. Извршните органи имаат најнизок резултат, односно 41,54 проценти исполнетост на индикаторите, споредено со просекот на министерствата што исполнуваат 58,56 отсто и Владата која има највисок вкупен резултат и тоа 82,71 процент. Според заменик претседателката на Владата за добро владење Славица Грковска, транспарентноста е важен фактор во имплементирањето на успешни антикорупциски политики. - Овозможува граѓаните, граѓанските организации и претставниците на медиумите полесно, побрзо и поефикасно да добиваат информации за работењето на институциите, а со тоа и да вршат контрола во нивното работење. Тоа особено важи кога е во прашање трошењето на јавните средства и користењето на државните ресурси, но и на целокупното работење, рече Грковска. Во однос на рангирањето на Владата беше посочено дека резултатот е добар, и иако споредбено со регионот сме „убедливо најдобри“, сепак изминатите неколку години овие индексни резултати се скоро идентични и  забележана е стагнација. Поранешниот директор на проектот на УСАИД за граѓанско учество, Горан Лазаревски смета дека градењето на систем на зголемена отчетност и редовно објавување на податоци не е лесен процес за институциите.   -Тој процес не е секогаш едноставен за институциите бидејќи бара човечки и материјални ресурси, но и знаења кои понекогаш не се доволни. Ова е особено видливо кај значаен дел од нашите локални самоуправи кои неретко се соочуваат и со проблеми со финансиската одржливост, особено со најновата енергетска криза. Затоа е неопходно натамошно јакнење на капацитетите на централните и локалните институции за навремено и квалитетно објавување на податоците од јавен интерес, бидејќи со тоа не им излегуваме во пресрет само на граѓаните, туку и на истражувачите, на научната заедница, но и на медиумите кои нема да мора да зависат од добрата волја на одредени поединци во институциите за да добијат увид во значајни податоци, рече Лазаревски.

Проценката на добро владеење во Северна Македонија и регионот е резултат на сеопфатно емпириско истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да се утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење во регионот. свс/бак/

Остани поврзан