• сабота, 23 ноември 2024

Организираниот криминал, декриминализацијата на проституцијата и моделите на притвор теми на неформалната средба на министрите за правда на ЕУ

Организираниот криминал, декриминализацијата на проституцијата и моделите на притвор теми на неформалната средба на министрите за правда на ЕУ

Брисел, 26 јануари 2024 (МИА) – Борбата против организираниот криминал, декриминализацијата на сексуалната работа и политиките на моделите на мерката притвор ќе бидат главни теми на денешниот неформален состанок на министрите за правда на земјите членки на ЕУ во палатата Егмон во Брисел.  

Заседанието ќе започне со дискусија за правните елементи на Патоказот на ЕУ за борба против трговијата со дрога и организираниот криминал, како основа за изработка на заклучоци кои би можеле да бидат усвоени од страна на Европскиот советот во текот на белгиското претседателство со Унијата во првите шест месеци од годинава. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, предложените мерки, меѓу другото, вклучуваат воспоставување мрежа на специјализирани обвинители и судии и зајакнување на соработката меѓу правосудните власти. 

Во текот на работниот ручек, министрите ќе расправаат и ќе споделат мислења и практики за различните пристапи кон политиките и регулативите поврзани со сексуалната работа, од аспект на нејзина декриминализација, како и за можностите за зајакнување на правата и безбедноста на сексуалните работници. 

Во попладневниот дел од состанокот ќе се одржи дебата за политиките на моделите на мерката притворот, врз основа на која би се подготвиле заклучоци што би биле усвоени на Самитот на ЕУ во јуни. 

Белгија, како претседавач со ЕУ, ќе го презентира сопствениот модел на притворски единици, каде главниот фокус при отслужувањето на мерката притвор е ставен на опоравување и работа со притворениците со цел да се олесни нивната реинтеграција во општеството и да се намали ризикот од повторно вршење на кривични дела. 

Неформалните состаноци на министрите на земјите членки на ЕУ се средби на кои се дискутира и се разменуваат мислења за одредени теми, прашања или регулативи, но не се носат никакви одлуки. Носењето одлуките се врши на формалните состаноци во форма на Совети на ниво на ресорни министри. сп/

Остани поврзан