• петок, 05 декември 2025

Организаторите ги сумираат импресиите по 3. Меѓународен фестивал „Јаков од Камена Река“

Организаторите ги сумираат импресиите по 3. Меѓународен фестивал „Јаков од Камена Река“

Македонска Каменица, 30 ноември 2025 (МИА) - Организаторите на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ ги сумираат импресиите по завршувањето на третото издание, што се одржа во петокот навечер во Македонска Каменица. Велат дека годинава фестивалот целосно ја оправдал својата мисија – да обедини уметници, научници, културни дејци и љубители на културата, но и да ја нагласи важноста на зачувувањето и промовирањето на македонскиот културен идентитет.

Свечената академија во културно-информативниот центар „Романса“ донесе атмосфера исполнета со гордост, благодарност и искрени реакции од публиката и лауреатите. Вечерта беше збогатена со мини-концертот на Драган и Ратко Даутовски, како и поетскиот рецитал на Игор Трпчески од „Слем поезија Македонија“, што придонесе за посебна уметничка тежина на завршниот настан.

Годинешните признанија ги понесоа истакнати имиња од повеќе области: Драган Даутовски (музика), Мирко Узелац (иновации), Марин Александров (наука), Лазе Трипков (графички дизајн), Гоце Наумов (археологија), Георги Унковски (филм), Тони Цифровски (публицистика) и МТФ „Војдан Чернодрински“ (театар). Награди добија и Македонската заедница во Хрватска, МКД „Охридски бисер“ Загреб и Ивана Брезовец за промоција на македонскиот јазик и култура надвор од татковината, како и Гоце Панговски за афирмација на македонската историја во дијаспората.

Посебно внимание привлече и прогласувањето на најчитаниот автор во библиотеките во Македонија за 2025 година – Далибор Трајковски, награда што и годинава ја понесе НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.

Организаторите најавија дека фестивалот ќе продолжи и по неговото затворање.

– Продолжуваме и во месец декември со тематски работилници што ќе ги водат лауреатите и етаблирани уметници од областа на археологијата, иновациите, графичкиот дизајн, калиграфијата и типографијата. Во програмата следуваат и промоции на нови изданија на Далибор Трајковски, Милијана Павловска и Љупчо Јолевски, како и изложба на Часословот на Јаков од Камена Река и најдобрите трудови од Конкурсот за убаво пишување и калиграфија, истакнаа од организациониот одбор на фестивалот.

Во рамки на активностите, претходно претседателката на македонската заедница во Хрватска, Ивана Брезовец одржа и едукативни презентации пред учениците од средните училишта во Македонска Каменица и Делчево, претставувајќи ја работата на Македонската заедница во Хрватска и МКД „Охридски бисер“ Загреб – активности што, како што велат организаторите, ја зацврстуваат врската меѓу младите генерации и македонската културна традиција.

Со завршната вечер, фестивалот уште еднаш ја потврди својата улога како значајна платформа за културна и научна размена, поставувајќи нови стандарди и претворајќи ја Македонска Каменица во препознатлива точка на регионалната културна мапа. вс/ра 

Фото: МИА

 

Остани поврзан