• вторник, 24 декември 2024

Општина Ѓорче Петров ги засилува безбедносните мерки во сообраќајот

Општина Ѓорче Петров ги засилува безбедносните мерки во сообраќајот

Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) - Општина Ѓорче Петров продолжува со сериозни напори за зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено на критични точки во населените места, известуваат од општината.

- Во изминатите денови, општината постави безбедносни столпчиња на најризичните локации во населбата, со цел да се намали опасноста од несреќи, како и да се подобри протокот на возила и пешаци. Овие столпчиња имаат за цел да го спречат нелегалното паркирање на возила и да создадат безбедна зона за пешаците, посебно на оние места каде што има интензивен сообраќај, информираат од Општина Ѓорче Петров.

Во исто време, се изврши и бележење на пешачките премини на повеќе локации низ општината, што е од особена важност за безбедноста на пешаците, особено на местата каде што децата, учениците и родителите се најчесто присутни.

- Одбележувањето на овие премини ја зголемува видливоста и ја намалува можноста за несреќи со возила, посочуваат од локалната самоуправа.

Оттаму соопштуваат дека во наредните денови, ќе продолжат со уште една значајна мерка – поставување на т.н. „легнати полицајци“ или успорувачи на брзина на локации со голема фреквенција на луѓе.

- Овие т.н.„легнати полицајци“ ќе бидат поставени пред училиштата, градинките и на други фреквентни локации во општината. Оваа мерка има за цел да го намали брзото возење и да обезбеди поголема безбедност за најмладите и сите граѓани кои се движат низ овие делови од населбата, велат од општината.

Од Општина Ѓорче Петров истакнуваат дека во континуитет работат на подобрување на инфраструктурата и безбедноста на своите жители, вложувајќи во мерки кои ќе ја зголемат сигурноста на сите учесници во сообраќајот.

- Овие нови мерки се само дел од пошироките напори за создавање на побезбедни и поудобни услови за живеење. Апелираме до сите граѓани да ги почитуваат новите сообраќајни правила и да се грижат за својата безбедност и безбедноста на другите, апелираат од Општина Ѓорче Петров. ир/цр/

Фото: Општина Ѓорче Петров

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан