• сабота, 23 ноември 2024

Општина Маврово и Ростуше издвои средства за набавка на биохемиски анализатор

Општина Маврово и Ростуше издвои средства за набавка на биохемиски анализатор

Дебар, 24 јуни 2023 (МИА) – Советот на општина Маврово и Ростуше го усвои ребалансот на буџетот и донесе одлука за обезбедување финансиски средства за набавка на биохемиски анализатор за широк спектар на крвни анализи за Здравствениот дом во Ростуше.

- Станува збор за многу битен апарат со широк спектар на крвни анализи од типот на тироидни хормони, тумор маркери, електролитен статус, имунолошки статус, срцеви маркери, тримесечен шеќер, липиден статус, деградациони продукти, маркери за анемија, хеликобактер пилори и многу други анализи за кои нашите сограѓани повеќе нема да патуваат до Гостивар, Струга па дури и до Скопје, вели градоначалникот Медат Куртовски.

Ова е последователна инвестиција на локалната самоуправа во правец на што поквалитетна и навремена здравствена заштита на населението.

Покрај другото, минатата година за оваа здравствена установа набави нов ехо апарат, во вредност од 20 илјади евра а нов хематолошки анализатор и други апарати и неопходна опрема донираа иселеници, од овој крај, во западно европските земји.

Во Здравствениот дом „Русе Бошковски“ работат четириесеттина здравствени работници кои здравствена заштита пружаат на жителите од целата општина.

Бидејќи установата кадровски и технички располага со современа апаратура за дијагностика на Интерна медицина и интервентни процедури кои се работат на терцијарно ниво се почести се пациенти и од соседните општини, Дебар и Центар Жупа.

Од домот нагласуваат дека сите дијагностички процедури се вметнати во системот Мој термин и пациентите може да ги закажуваат своите термини преку матичен лекар и специјалисти од секундарно здравство. вт/ир

Остани поврзан