ОН: Талибанските закони за жените даваат потресна визија за Авганистан
- Новите закони на талибанците за порок и доблест, кои вклучуваат забрана за женски гласови и голи лица во јавноста, даваат „потресна визија“ за иднината на Авганистан, изјави Роза Отунбаева, шефица на мисијата на ОН во земјата.
Кабул, 26 август 2024 (МИА) – Новите закони на талибанците за порок и доблест, кои вклучуваат забрана за женски гласови и голи лица во јавноста, даваат „потресна визија“ за иднината на Авганистан, изјави Роза Отунбаева, шефица на мисијата на ОН во земјата.
Отунбаева рече дека законите ги прошируваат и онака веќе неподносливите ограничувања на правата на жените и девојчињата, при што дури и звукот на женскиот глас надвор од домот очигледно се смета за повреда на јавниот морал.
Талибанските власти во Авганистан минатата среда го издадоа првиот сет на закони „за спречување на порокот и промовирање доблест“, кој вклучува барање од жените да го кријат своето лице, тело и глас кога се надвор од домот.
Законите му даваат овластување на Министерството за порок и доблест да го регулира личното однесување и да изрекува казни како што се опомени или апсења доколку неговите вработени утврдат дека некој ги прекршил законите. Мисијата на ОН соопшти дека го проучува новиот закон и неговите импликации за Авганистанците, како и неговото потенцијално влијание врз ОН и хуманитарната помош.
Отунбаева на 18 септември треба да поднесе извештај до Советот за безбедност за ситуацијата во Авганистан, точно три години откако Талибанците го забранија образованието за девојчиња по шесто одделение.
Талибанските функционери не биле достапни за коментар, но во изјава што ја емитуваше државната телевизија РТА, заменик министерот Мохамед Калед Ханафи рече дека „никој нема право да ги крши правата на жените врз основа на несоодветни обичаи“.
- Ние сме посветени да ги обезбедиме сите права на жените засновани на исламскиот закон и секој што има жалба во тој поглед ќе биде сослушан, додаде тој.
Врховниот водач на талибанците Хибатула Ахунџада минатата година рече дека на жените во Авганистан им е дозволен „удобен и просперитетен“ живот, и покрај декретите со кои им се забранува влез на многу јавни места, образование и повеќето работни места.
ОН претходно соопштија дека официјалното признавање на Талибанците како легитимни владетели на Авганистан е речиси невозможно сè додека остануваат во сила ограничувањата за жените и девојчињата. Иако ниту една земја не ја признава талибанската влада, многумина во регионот имаат врски со нив. јт/