• четврток, 20 февруари 2025

ОН: Повеќе од милион луѓе се вратија во своите домови во Сирија

ОН: Повеќе од милион луѓе се вратија во своите домови во Сирија

Женева, 18 февруари 2025 (МИА) - Повеќе од еден милион луѓе, вклучувајќи 800.000 внатрешно раселени лица и 280.000 бегалци, се вратија дома во Сирија по падот на претседателот Башар ал Асад, соопштија денеска ОН.

„Од падот на режимот во Сирија на 8 декември, околу 280.000 сириски бегалци и повеќе од 800.000 внатрешно раселени лица се вратиле дома“, напиша високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди на социјалната мрежа Х.

„Сепак, првичните напори да и се помогне на Сирија да закрепне мора да бидат похрабри и побрзи, инаку луѓето повторно ќе заминат. Тоа сега е итно“, додаде Гранди.

Високиот комесаријат на ОН за бегалци на крајот на јануари ја повика меѓународната заедница да ја поддржи обновата на Сирија, со цел да се олесни враќањето на неколку милиони бегалци и раселени лица во нивните домови.

„Укинете ги санкциите, поттикнете ја реконструкцијата. Мораме да го направиме тоа сега, на почетокот на транзицијата, губиме време“, рече Гранди на прес-конференција во Анкара, по враќањето од Сирија и Либан и пред заминувањето за Јордан.

Бунтовничката коалиција предводена од радикалната исламистичка група Хајат Тахрир ал Шам ја презеде власта во Дамаск по соборувањето на Ал Асад на 8 декември.

Околу 20 арапски и западни земји, во Париз на 13 февруари, ветија дека ќе работат за да помогнат во обновата на Сирија и да ја заштитат кревката транзиција која се соочува со безбедносни предизвици и странско мешање.

Земјата е уништена од 14-годишната војна во која загинаа повеќе од 500.000 лица, а повеќе од 10 милиони Сиријци се  раселени. паг/

Фото: МИА архива
 

 

Остани поврзан