• сабота, 23 ноември 2024

Омбудсман: Да се продолжи важноста на Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родените

Омбудсман: Да се продолжи важноста на Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родените
Скопје, 28 март 2022 (МИА) - Народниот правобранител до Владата ќе достави Информација за утврдените состојби со предлог да се продолжи важноста на Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родените, со оглед дека рокот до кога неевидентираните лица во матичната книга на родените (чии податоци се внесени или ќе се внесат), може да поднесат барање до Управата за водење на матичните книги е до 30 јуни оваа година. Ова, како што информира Одделот за односи со јавност на Народниот правобранител, било соопштено на информативна средба на претставници од државни органи и институции кои се должни да го спроведуваат Законот за неевидентирани лица или да вршат надзор над неговото спроведување, која ја организираа Одделот за заштита на правата на детето заедно со Одделението за граѓански состојби при Народниот правобранител, поттикнати од проблемите со кои се соочуваат голем број лица при имплементацијата наовој Закон. На средбата, како што е наведено во соопштението, присуствувале претставници од Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, и Агенција за вработување. На средбата немало претставник од Министерството за здравство, иако биле уредно поканети. Народниот правобранител, имајќи ја предвид ранливоста на оваа категорија на лица ги информирал присутните за сознанијата и констатациите од практичното постапување по претставките, а во врска со неспроведливоста на Законот за неевидентираните лица, и во насока на заштита на нивните права побара поголема соработка и посветеност во изнаоѓање на решенија за нотираните слабости. -Во овој контекст укажа дека е потребно да се засилат теренските активности за пронаоѓање на лицата кои се пријавиле на јавниот повик и истите да се информираат за правата кои Законот им ги признава доколку поднесат барање за упис во посебната матична книга на родените. Воедно, да се преземат активности со цел утврдување на бројот на деца кои се родени по завршување на јавниот повик, а не ги исполнуваат условите за запишување во матичната книга на родените согласно со закон, потсетувајќи ги присутните дека Законот за неевидентирани лица се однесува и за оваа група неевидентирани деца, за кои надлежните немаат евиденција, се посочува во соопштението. На средбата, како што стои во соопштението, се потврдиле наводите дека, и покрај тоа што целта на донесувањето на овој закон е евидентирање на овие лица во посебна матична книга на родени, и добивање на евиденционен број заради остварување на основните права (право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување), во пракса лицата сѐ уште не ги остваруваат овие права. -Проблемите беа лоцирани во неусогласеноста на законите во кои се регулирани овие права со Законот за неевидентирани лица, фактот дека евиденциониот број е непрепознатлив за интегрираниот систем на работење на институциите, како и поради недоволната соработка и координираност на институциите, додаваат од Канцеларијата на Народниот правобранител. На средбата било договорено да се преземат заеднички мерки од страна на сите надлежните органи, на повисоко ниво, а надлежните институции да соработуваат и да постапуваат координирано во спроведувањето на Законот. дма/са/

Остани поврзан