• вторник, 24 декември 2024

Околу 754 милиони возрасни лица низ светот се неписмени, две третини се жени

Околу 754 милиони возрасни лица низ светот се неписмени, две третини се жени

Њујорк, 7 септември 2024 (МИА) - Околу 754 милиони возрасни лица низ светот, од кои две третини се жени, се неписмени, а 250 милиони деца не можат да ги стекнат основните вештини за писменост, пренесува Анадолија.

Со одлука на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), 8 септември се одбележува како „Меѓународен ден на писменоста“ секоја година од 1967 година.

УНЕСКО посочува дека писменоста е темелно прашање на човековите права и ја истакнува важноста на писменоста за унапредување на меѓусебното разбирање, социјалната хармонија и мирот.

Според УНЕСКО, основната писменост е врата кон уживање во други права.

Благодарение на писменоста, луѓето стекнуваат повеќе знаења, вештини, вредности, ставови и однесувања, и стануваат дел од општеството.

Дополнително, писменоста ја намалува сиромаштијата и позитивно влијае на развојот на земјата преку зголемување на учеството на работната сила и пазарот.

Според податоците на УНЕСКО, додека во 1979 година стапката на писменост во светот била 68 отсто, денес се проценува дека над 86 проценти од светското население е писмено.

И покрај постојаниот напредок во писменоста низ целиот свет во последните 50 години, се забележува опаѓање на нивото на писменост поради ограничувањата на пристапот до образование за време на пандемијата на Ковид-19.

Според податоците од 2022 година, најмалку едно од седум возрасни лица на возраст над 15 години нема основни вештини за писменост.

Денес, 250 милиони деца и млади сè уште не одат на училиште, а 754 милиони возрасни немаат основни вештини за писменост.

Покрај тоа, милиони деца се борат да постигнат основни нивоа на знаење во читање, пишување и математика.

Речиси две третини од 754 милиони неписмени возрасни лица во светот се жени.

Стапката на писменост кај мажите од 15 и повеќе години изнесува 90 проценти, додека кај жените таа е 82,7 проценти.

Оваа нееднаквост е поизразена во неразвиените земји, каде што од жените често се очекува да останат дома и да се грижат за семејството, додека мажите работат.

Во развиените земји, разликата меѓу половите е значително помала.

Развиените земји имаат стапка на писменост од 96 проценти или повеќе, додека просечната стапка на писменост во неразвиените земји останува на 65 проценти.

Земјите со најниска писменост се наоѓаат во Јужна Азија, Западна Азија и Подсахарска Африка, кои се исто така меѓу најсиромашните земји во светот.

Дури и кога има пристап до образование во овие земји, семејствата со економски потешкотии може да бидат принудени да ги испратат своите деца на работа наместо во училиште.

Финска, Гренланд, Луксембург и Норвешка се меѓу земјите со 100-процентна писменост.

Во согласност со „Целите за одржлив развој“ на ООН, целта е целиот свет да биде писмен до 2030 година.

Во дигитализираниот свет, дефиницијата за „писменост“ се менува.

Дигиталната писменост се дефинира како способност за наоѓање, разбирање, анализа, производство и споделување информации преку уреди како што се паметни телефони, таблети, лаптопи и десктоп компјутери.

УНИЦЕФ посочува дека треба да се обрне повеќе внимание на дигиталната писменост на децата.

Дигиталниот свет отвора можности за образование, особено за децата погодени од војна, конфликти или катастрофи, како и за оние кои не можат да одат на училиште поради сиромаштија или инвалидитет.

УНЕСКО има за цел да го зголеми бројот на млади и возрасни лица со дигитални вештини за писменост до 2030 година.ссм/

фото: пиксабеј

Остани поврзан